Во изминатите две години дури две третини од пратениците не поминале ни половина од времето на пленарните седници

Гласање на ѕвонче, усвојување закони набрзина, обединување на начелната расправа за десетина предлог-закони, поднесување илјадници ботовски амандмани, за кои на крајот не се гласа, и казнување, главно, на опозициските пратеници, се некои од карактеристиките на актуелниот состав на Собранието на Србија.
Ваквата слика во работата на српското собрание се должи на однесувањето на владејачката коалиција, на чело со Српската напредна партија, а посебна динамика во работата дава претседателката Маја Гојковиќ, која успеа да се соочи со претставници на опозицијата и од Владата, пишува „Данас“.

Во изминатите две години дури две третини од пратениците не поминале ни половина од времето на пленарните седници. Меѓу најнередовните пратеници е Ненад Чанак, пратеник и претседател на Лигата на социјалдемократите на Војводина, кој во собраниските клупи се задржал само 31 минута. Зад него е Миланка Кариќ, пратеничка од движењето Сила на Србија, која во собраниските клупи седела 45 минути.

Според податоците на секретаријатот на Собранието на Србија, најредовни се пратениците на владејачките партии, но поголемиот дел од нив седниците ги поминува со молчење. Оние што говореле, пак, најчесто ги напаѓале пратениците од опозицијата, со многу навреди, а дискусиите често биле и на раб на инцидент. Неколкумина пратеници не прозбореле ни збор од собраниската говорница, а најрасположен да дебатира бил пратеникот Маријан Ристичевиќ, кој говорел 35 часа во последните две години.

За својата работа, народните пратеници примаат во просек повеќе од 100.000 динари месечно и имаат право на патни трошоци, надомест за хотелско сместување и закуп на стан и одвоен живот од семејството.

Во 2018 година, вкупно 183 пратеници оствариле право на надомест за употреба на сопствено возило. Пратениците добиваат надомест за користење приватен автомобил за службени потреби до 30 отсто од цената на еден литар бензин „супер“ за поминат километар, а најмногу до 6.716 динари месечно. Пратеникот има право на надомест на трошоците за користење приватен автомобил во висина на 15 отсто од цената на литар погонско гориво за пресметан километар.

Во изминатите две години, дури 23 пратеници ги напуштиле своите пратенички клубови и поминале во други или го задржале статусот на независен пратеник. На почетокот на работата на сегашниот состав на парламентот се распадна пратеничкиот клуб на Демократската партија на Србија. Сега оваа партија има двајца пратеници.
Атмосферата во Собранието на Србија никогаш не била одлична, но по белградските избори, според изјавите на пратениците од опозицијата, стана неподнослива во човечка, политичка и институционална смисла, пишува „Данас“. Пратениците на владејачкото мнозинство, охрабрени од победата во Белград, повеќе не избираат зборови за пресметка со опозицијата.

– На дело е заковување на последниот клинец во парламентарниот живот. Тоа што се случува во парламентот на Србија, тоа количество на невкусни коментари, гримаси и изживување над пратениците од опозицијата претставува експлицитен фашизам, преоблечен во свилени ракавици – изјави Маринка Тепиќ, пратеничка на Клубот на независни пратеници.