Група српски истражувачки новинари ќе се упатат во Косово со цел да го истражат убиството на лидерот на Србите во Северна Митровица Оливер Ивановиќ, а за кое се уште нема ниедна официјална информација, ниту за сторителите, ниту за мотивите на убиството.

Саша Мирковиќ и Горан Марковиќ, продуценти на емисија посветена на убиството на Ивановиќ, што се случи на 16 јануари годинава, изјавија дека истражувачки новинари ќе се обидат да го расветлат убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива од Северна Митровица.

Продуцентот Мирковиќ изјави дека е советуван од колегите новинари да се стационира во Грачаница или во Приштина.

– Ова од причина што криминалните групи поврзани со СНС (Српската народна партија) на (претседателот на Србија, Александар) Вучиќ претставувааат ризик по нас, рече Мирковиќ.

Тој, како што пренсува приштинскиот портал „ИндексОлнине“, најавил дека истражувачкиот тим ќе интервјуира повеќе личности од јавниот и политичкиот живот на Косово.

– Ќе интервјуираме членови на семејството, соседи, сведоци, полицајци, политичари и секое лице кое може да биде од интерес, како и експерти од областа на крвните деликти, објави Мирковиќ.

Според него, „чудно е што официјален Белград не реагира“, и покрај тоа што „прстот е вперен кон некои локални криминалци на СНС и Српската листа во Северна Митровица“.