Граѓаните во Србија што со месеци протестираат низ повеќе градови немаат доверба во опозициските партии, а не ја сакаат ни актуелната власт. Ова е главниот заклучок од истражувањето што е спроведено кон крајот на март од фондацијата „Фридрих Еберт“ и групата за развојни иницијативи „СеЦонС“, врз основа на одговорите на 450 учесници на деветтиот протест, одржан на втори февруари 2019 година.

Макс Брендле, директор на белградската фондација „Фридрих Еберт“, која е блиска на германската социјалдемократија, ја истакнува продемократската мотивација на протестите.

– Граѓаните сметаат дека демократијата во Србија е во многу лоша состојба. Таа е оценета со 2,1 од можни десет поени. На улиците излегува средната српска класа, поради загриженоста за демократијата во земјата. Околу 77 отсто од учесниците на протестите се повикуваат на граѓанскиот отпор на владеењето на Милошевиќ – вели Бреднле во разговор за „Дојче веле“.

Директорот за истражување во „СеЦонС“, Слободан Цвејиќ, смета дека овие протести се против политичкиот естаблишмент, односно против претходната и актуелната политичка елита.

– Контролата на медиумскиот простор од страна на сегашната власт, корупцијата во нејзините редови и желбата за смена на сегашната власт се директно истакнати. Реакцијата на претходните режими се јавува посредно, преку деталното испитување на политичкиот профил на учесниците на протестите – вели Цвејиќ.

Дури 77 отсто од учесниците имаат факултетски дипломи или студираат. Речиси половината од тие што протестираат се помали од 30 години, а дополнителни 37 отсто се на возраст до 50 години. За ова, како што објаснува Цвејиќ, значајно влијание има интернетот, а протестите во Србија личат на „постдемократските“ протести во светот. Учесниците на ваквите протести се од урбаната и добро образована популација, која редовно користи интернет-комуникации.

Истражувањето за протестите во Србија покажува дека протестите попримаат обележја на општествени движења, со потенцијална можност тие да потраат подолго време.
Макс Бредли посочува на главното отворено прашање за односот на опозициските политички партии и граѓаните. За него е неизвесно дали Сојузот за Србија ќе успее динамиката на протестите да ја претвори во политички капитал. Прашање е кое крило во СЗС ќе преовладее – демократското или крилото на крајната десница.

Резултатите од анкетата јасно покажуваат дека мнозинството граѓани што мирно протестираат не се приврзаници на крајната десна политичка групација. Над 55 отсто од нив не се политички определени, а апсолутното мнозинство од испитаните граѓани не гледаат некој на политичката сцена што најдобро би ги застапувал нивните интереси.

Поради ова се поставува прашањето дали постои можност ова општествено движење самостојно политички да се артикулира, и тоа независно од опозицијата. Слободан Цвејиќ вели дека постои простор Граѓанскиот фронт да биде нова политичка опција, но соработката со некоја партија од опозицијата би била корисна. Граѓанскиот фронт е политичка групација што ги собира локалните иницијативи. Нивната цел е да ги мобилизираат граѓаните против недемократските одлучувања за прашањата од животот во Белград, Панчево, Краљево и во другите градови во Србија.