Српските опозициски партии и граѓански здруженија, потписници на Договорот со народот од протестите „Еден од пет милиони“, вчера објавија дека „режимот на Александар Вучиќ нема исполнето ниту едно барање што е дефинирано од страна на граѓаните за време на протестите, кои траат повеќе од четири месеци во повеќе од 100 града и општини во Србија.

– Уште од самиот почеток на протестите, Александар Вучиќ изјави дека нема да им исполни ниту едно барање на оние што протестираат. Тоа е единственото нешто што го кажа досега, а не излажа. И затоа на 13 април во 15 часот на платото пред Собранието на Србија организираме голем народен протест. Ги покануваме сите граѓани заедно да кажеме НЕ за бруталната злоупотреба на медиумите, арогантното уништување на институциите, грабежот на стопанските ресурси, кршењето на демократските принципи и оспорувањето на човековите права во режија на Александар Вучиќ и неговиот „напредњачки“ клан, кој ја окупира земјата и создаде заробено општеството – се наведува во соопштението на Сојузот за Србија.

Потписниците на Договорот со народот, заедно со организаторите на протестот „Еден од пет милиони“, се согласни дека мирните граѓански протести од тој ден влегуваат во нова фаза, која ги вклучува сите форми на ненасилна граѓанска непослушност.


Ќе останат само училиштата со 480 деца

Недостигот од деца во Србија е една од основните причини за новата мрежа на основни училишта која треба да биде направена од локалната самоуправа и која треба да биде доставена до Министерството за образование. Поради малиот број на ученици многу училишни објекти се празни и во нив има по неколку ученици. Намерата е некои од училиштата да бидат затворени, а некои да бидат споени со други поголеми училишта, пишува „Вечерње новости“.
Но овој процес на рационализација во образованието се одвива бавно затоа што досега предлог за новата мрежа во образовните институции поднеле 20 од вкупно 174 локални самоуправи. Крајниот рок да го сторат тоа е 19 март годинава. Со некои од понудените решенија не се задоволни ни родителите и жителите во одделни места. Тие се плашат дека децата ќе мора да ги праќаат во далечните училишта, додека кај наставничкиот кадар постои страв дека ќе има откази.
Според критериумите што ги донесе Министерството за образование, училиштето може да продолжи со работа ако има најмалку 480 ученици, со 16 одделенија и тоа да е оддалечено два километра од соседното училиште. Ако од локалната самоуправа не биде поднесен предлог за новата организациска шема, тоа ќе биде сторено од ресорното министерство.