Се намалува социјалната нетолеранција кон Ромите

Истражување во Србија

Истражувањето спроведено меѓу средношколците во Србија покажало загрижувачки ставови за односот кон жената, национализмот и минатото

Речиси половина од средношколците во Србија сметаат дека абортусот е грев, а 40 отсто од нив веруваат дека жените треба повеќе да раѓаат за да опстанат како нација. Една третина од мажите треба да го имаат главниот збор во семејството, додека осум отсто од тинејџерите сметаат дека жената повремено заслужува ќотек. Ова се загрижувачки резултати од истражувањето „Вредносните ориентации на средношколците во Србија“, кое во 2019 година го спроведе Институтот за социологија за потребите на Хелсиншкиот одбор за човековите права.

Најголема социјална дистанца учениците од втора и трета година од средните училишта имаат кон геј и лезбејската популација, кон Албанците и Ромите, а расте и бројот на средношколците што имаат нетрпелив однос кон мигрантите. Во истражувањето биле анкетирани деца од генерацијата родени во 2001, 2002 и 2003 година, односно тоа се деца родени по петтооктомвриските промени во Србија. Истражувањето било спроведено во Белград, Нови Сад, Ниш, Крагуевац и Нови Пазар, со што биле запазени регионалната и етничката застапеност на анкетираните лица, кои давале свои мислења за национализмот, патријархалноста, хомофобијата, односно за абортусот и ромската популација, пренесува „Политика“.

Резултатите од оваа студија покажуваат дека дошло до мало опаѓање на патријархалноста на средношколците во споредба со периодот од 2011 година, а најголема позитивност е тоа што денес повеќе веруваат во еднаквоста на половите. Но авторите на студијата се загрижени од прифаќањето на ставот дека жените повремено заслужуваат ќотек и фактот дека за сфаќањето на абортусот како грев е под силно влијание на религискиот дискурс – на Српската православна црква или исламот. Третина од испитаниците го бранат ставот „ако се дозволи абортус, ќе ни пропадне и нацијата“, „се залагам за целосна забрана на абортусот“ и „треба да се забранат феминистичките организации што пропагираат право на жената на абортус“.
За ставовите кон национализмот, третина од средношколците имаат изразени националистички уверувања кога е во прашање „органскиот“ национализам, со кој се нагласува културното и биолошкото единство на нацијата. Додека на скалата на етноцентричниот национализам, со кој се мерат специфичните меѓунационални односи, учениците имаат „умерени“ ставови.

За прашањето за минатото и одговорноста, средношколците немаат јасен став кон блиската историја. Околу 42 отсто од нив имаат умерен став, а третина сметат дека Србите се повеќе одговорни за злосторствата направени во текот на војната, а една третина сметаат дека припадниците на српскиот народ воопшто не се одговорни за војната и за злосторствата. Мнозинството се согласуваат со ставот дека „сите народи“ се одговорни за војната, а истиот однос е и за мислењето дека политичките елити се одговорни за војните, а не народот. Повеќе од половината средношколци се согласуваат со ставот дека Косово треба да остане во составот на Србија, а само 12 отсто од нив сметаат дека тоа е независна држава.

Секој десетти средношколец смета дека Ромите не треба да бидат рамноправни со другото население. Социјалната дистанца кон ромската популација третина ја искажале со тоа дека „тие не сакаат да работат и повеќе сакаат да питаат“. Во однос на 2011 година, од просечната вредност на сите искази за оваа област може да се забележи дека денес средношколците во Србија се потолерантни и има намалување на стереотипите кон Ромите. Со ставот дека Ромите треба да бидат целосно рамноправни во општеството се согласува една третина од испитаниците во 2019 година.