На масовните студентски протести во Тирана и низ повеќе градови низ Албанија, вчера им се приклучија и средношколците. Илјадници млади со албански, американски, знамиња на ЕУ и со голем број транспаренти во нивните раце ги преполнија улиците во Тирана. По минувањето на веќе познатата маршрута тие се стационираа пред зградата на Министерството за образование, фрлајќи кон неа со јајца.

Владата и објектот на Министерството и околните објекти ги обезбедуваат големи полициски сили, а е ангажирана и специјалната единица „Шќипоњат“. Во споредба со изминатите денови, видно беше зголемен бројот на безбедносните сили иако студентските протести досега минаа без инциденти.

Студентите повторно го отфрлија апелот на премиерот Еди Рама да разговараат, доколку сакаат и во парламентот. Протестираат една недела и како што најавија, доколку вчера до 16 часот не им се исполнеа барањата ќе почнат штрајк со глад.

Меѓу барањата поставени од студентите е во управите на универзитетите да има нивен претставник, подобрување на условите во домовите за сместување, двојно намалување на тарифата за студирање, зголемување на буџетот за високо образование, проверка на потеклото на имотот на професорите.

Под притисок на студентите, претходно, Владата ја укина зголемената тарифа за плаќање изгубена година и за полагање заостанати испити.