Илјадници луѓе од раните утрински часови се собираат денеска во Сребреница во Источна Босна, каде во текот на денот ќе биде одбележна 24-годишнината од масакрот над Бошњаците од таа област во јули 1995 година, спроведен од страна на војската и полицијата на босанските Срби, предводени од генералот Ратко Младиќ.

Како што информира хрватски „Индекс“, стотици автомобили и автобуси ги преплавиле тесните патчиња кои водат кон местото, каде што денес, според официјалните резултати од последниот попис во 2013 година, живеат нешто повеќе од 13 илјади жители, од кои околу седум илјади Бошњаци и шест илјади Срби. Пред војната, Сребреница имала дури 36 илјади жители, од кои 27 илјади се декларирале како муслимани.

Во текот на денот на гробиштата во Поточари ќе бидат погребани посмртните останки на 33 жртви, чии тела се пронајдени последниве години во масовни гробници, а потоа биле идентификувани преку споредување на ДНК-примероци од коскената срцевина со оние добиени од крв на преживеани роднини. Најстарата жртва која ќе биде погребана е старицата Шаха Цврк, која во времето кога била убиена имала 82 години, а најмладата жртва е Осман Цврк момче кое во 1995 година имало само 16 години.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ќе присуствува на одбележувањето на 24-годишнината од геноцидот во Сребреница во Босна и Херцеговина.

Претседателот ја предводи македонската делегација составена од пратениците Ферид Мухиќ и Зеќир Рамчиловиќ. На одбележувањето претседателот Џафери ќе има и пригодно обраќање.

По падот на заштитената зона во Сребреница во 1995 година, како загинати или исчезнати биле пријавени 8.372 луѓе, а оваа бројка е врежана на мермерната плоча поставена во рамки на меморијалниот комплекс во Поточари, како постојан потсетник на размерот на извршеното злосторство.

Од масовни и индивидуални гробници во Босна и Херцеговина, но и од Србија, досега се ексхумирани телата на 7.119 жртви, а од нив 6.610 веќе се погребани во Поточари. Дел од ексхумираните тела сè уште не се погребани по барање на семејствата и се чека комплетирање на скелетот, бидејќи се пронајдени само некои делови.