Србија е заинтересирана да учествува со 10-15 отсто од инвестицијата за изградбата на два нови блока во унгарската нуклеарна централа „Пакш“. Во овој проект ќе учествува и Русија, а почетокот за оваа инвестиција е најавен за следната година, потврди неодамна српскиот претседател Александар Вучиќ, пренесува Б92.
Развојот на нуклеарната енергија во Србија е закочен поради мораториумот за изградба на нуклеарни централи од 1989 година. Како што дознава РТС, Одборот за енергетика на Српската академија на науките и уметностите упати до Владата на Србија документ за одржливи енергетски извори со препорака да не се отфрла однапред опцијата за производство на нуклеарна енергија.
– Србија е опкружена со нуклеарни реактори на 50 до 400 километри, кои се на унгарска, бугарска или романска територија. Во близината е и хрватско-словенечката нуклеарка „Кршко“. Сите земји планираат изградба на нови капацитети, а тоа е потребно поради недостигот од електрична енергија во светот и порастот на цените – вели експертот за енергетика Жељко Марковиќ.