Голема потера е во тек во близина на Ниш, Србија каде полицијата и војската со хеликоптери и со кучиња трагат по педофил кој грабна 12-годишно девојче, пренесуваат српските медиуми. Полицијата од вчера го бара осудениот силувач Нинослав Јовановиќ, познат и како „малчански бербер“, кој е осомничен за киднапирање на 12-годишната Моника.

Полицијата го бара од вчера, а кругот за пребарување се стесни откако беа пронајдени неколку траги во селото Орешец. Одредени медиуми се со полицијата на местото каде очевидци тврдат дека го виделе педофилот со девојчето – на железничката пруга Ниш – Заечар. Неофицијално, полицијата извршила увид на околу 40 километри од областа. Тие пропешачиле 12 километри по пругата во потрага по девојчето. Коса од Моника била пронајдена во куќа во Орашец, а во Малча нејзиниот ранец.

Покрај 220 полицајци, во потрагата се вклучени хеликоптерски единици и трагачи на кучиња, а се користени и термовизиски камери.

Девојчето исчезнало во петокот на 20 декември, а последен пат била видена во 7.20 часот кога тргнала на училиште, по што ѝ се губи трагата. Нинослав Јовановиќ, со потекло од Малча, пред нешто повеќе од една година повторно бил уапсен бидејќи демнел и им се заканувал на жени на Фејсбук, откако отслужил речиси 20 години затвор.

Прекарот „малчански бербер“ го добил бидејќи ги потстрижил сите свои жртви, а пред судот признал дека потстрижувањето девојчиња го возбудува. Тој пред 25 години силувал жена и девојче, а кога во 2005 година бил пуштен на условна слобода, нападнал 12-годишно девојче. Двете претходно ги потстрижил, а едната ја силувал. Повторно завршил во затвор, од каде што излегол минатата година.