Во Србија денеска се одбележува дваесетгодишнината од падот на режимот на Слободан Милошевиќ и протестите на стотици илјади граѓани со кои се означи крајот на неговото владеење, проследено со војни, санкции, милионска инфлација и економско уништување на земјата, пренесиваат српските медиуми.

Годинава, во услови на пандемија на ковид-19, годишнината од демократските промени во Србија ќе биде одбележана многу поскромно од порано, со трибини и дебати, а еден од најавените собири го закажаа новинарите и невладините организации во Ниш.

Протестите во центарот на Белград на 5 октомври 2000 година, на кои се собраа стотици илјади луѓе од цела Србија, следеа откако Републиканскиот изборен штаб одби да ја признае победата на кандидатот на Демократска опозиција на Србија (ДОС) Воислав Коштуница на изборите што се одржаа на 24 септември 2000 година.

Коалицијата ДОС се состоеше од 19 партии, а од Милошевиќ беше побарано да го признае поразот до 5 октомври, со смена на раководството на државната телевизија (РТС) и спроведување на објективна уредувачка политика наместо режимска пропаганда.

На улиците на Белград и пред тогашното Федерално собрание се собраа толпи кои доаѓаа од цела Србија со автобуси, автомобили, камиони дури и со багери. Откако упаднаа во зградата на парламентот, која беше делумно запалена и уништена, демонстрантите ја окупираа и зградата на РТС.

Полицијата и нејзините специјални единици на крајот на денот застанаа на страната на демонстрантите, а за време на демонстрациите беа убиени две лица – еден демонстрант и еден полицаец, а 65 лица беа повредени.

На 6 октомври 2000 година, Милошевиќ призна дека изгубил на изборите и му ја честиташе победата на Воислав Коштуница.

Многу српски граѓани веруваа дека ова е последен пораз на авторитарниот режим и дека се направени радикални демократски промени.

Сепак, по атентатот врз премиерот Зоран Ѓинѓиќ на 12 март 2003 година, демократската опозиција се распадна, Воислав Коштуница се повлече од политичката сцена поради изборниот пораз на неговата Демократска партија на Србија (ДСС).

Две децении подоцна, со Србија сега владеат соработници на Милошевиќ. Актуелниот српски претседател Александар Вучиќ беше министер за информации за време на владеењето на Слободан Милошевиќ.

Актуелниот министер за одбрана, Александар Вулин, беше член на Југословенската обединета левица (ЈУЛ) на Мирјана Марковиќ, сопруга на Милошевиќ.

Портпаролот на Социјалистичката партија на Србија (СПС) и близок соработник на Милошевиќ, Ивица Дачиќ, е сегашен министер за надворешни работи на Србија, претседател на СПС и коалициски партнер Српската напредна партија на Вучиќ.

За време на владата на Зоран Ѓинѓиќ, Слободан Милошевиќ беше екстрадиран во судот во Хаг под обвинение за воени злосторства, а тој почина во затворската ќелија во Шевенинген во 2006 година, без да добие пресуда.

Демократската партија на Џинѓиќ, пак, се подели на неколку фракции и помали партии и ниту една нема претставници во сегашниот српски парламент.