Првиот чекор кон легализирање на браковите на членови на ЛГБТ-заедницата во Србија го направи вчера Министерството за човекови и малцински права објавувајќи ги почетните точки за изготвување закон за истополовите бракови. Јавната расправа ќе трае до 20 февруари, а најавите се дека законот треба да биде усвоен во собранието ова лето, објави „Блиц“.

Министерката за човекови права и социјален дијалог, Гордана Чомиќ, за „Блиц“ вели дека нацрт-законот треба да се најде во собранието до крајот на пролетната сесија.

– Предлогот ќе биде во собранието на Србија до крајот на пролетното заседавање. В петок ќе бидат објавени почетните точки и тоа е самиот почеток на процесот – рече таа.

Законот за истополови бракови беше едно од најголемите барања на сите паради на гордоста во Србија. Во нацртот што е објавен во јавноста истополовиот брак е дефиниран во член 2.

– Истополова заедница е заедница на семеен живот на две полнолетни лица од ист пол, кои се регистрирани пред надлежен јавен орган во согласност со одредбите на овој закон – пишува во членот и се додава дека ова се однесува и на мажи и на жени, без дискриминација.