Србија остро реагира на кандидатурата на Косово во Интерпол која треба да се спроведе во ноември на претстојната седница на Генералното собрание на меѓународната полициска организација во Дубаи.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека Косово нема да успее на гласањето за членство во Интерпол.

– Без договор со Белград нема зачленување во меѓународните организации, кандидатурата ќе биде одбиена на гласањето за Интерпол, исто како што пропадна и за УНЕСКО – изјави Дачиќ, додавајќи дека Србија ќе вложи „максимален напор“ за Косово да не добие членство во Интерпол, не затоа што Србија е против Косово, „туку затоа што е против едностраните акти“.

Ваквите реакции беа предизвикани од одлуката на косовската влада на седницата во петокот да издвои 1,2 милиони евра за телото за лобирање за членството на Косово во Интерпол.

Во март годинава, генералниот секретар на Меѓународната организација за криминална полиција (Интерпол), Јурген Сток, ги извести косовските власти дека нивниот Извршен одбор разговараше за барањето на Косово да се приклучи на оваа организација и дека е ставено во агендата на следната седница на Генералното собрание.

Седницата треба да се одржи од 18-21 ноември во Обединетите Арапски Емирати. Највисокото тело на Интерпол се собира еднаш годишно за да донесува одлуки во врска со работата на организацијата, ресурсите, методите, финансиите, програмските активности, како и приемот на нови членови.

Годинава, Меѓународната организација за криминална полиција, исто така, ќе гласа за новиот претседател, откако претходниот претседател, Кинезот Менг Хонгвеи, поднесе оставка, по изјавата на кинеските официјални лица оти тој е под истрага.

Минатата година, Приштина, исто така, аплицираше за прием во Интерпол, но косовскиот премиер Рамуш Харадинај ја повлече апликацијата една недела пред седницата на Генералното собрание во Кина поради недостаток на поддршка, несакајќи да ризикува да биде одбиен.