Српските пратеници ги усвоија измените на Кривичниот законик со кој се укинува затворската казна од 30 до 40 години и се воведува доживотна казна затвор за најтешки кривични дела.

Доживотната затворска казна е предвидена за тешко убиство, силување, обљуба над малолетно лице, бремена жена или немоќно лице, што е во рамки со предлогот на Фондацијата „Тијана Јуриќ“ кој го поддржаа околу 160.000 граѓани.

Доживотната казна затвор е проширена и на сите други кривични дела за кои според важечкиот закон беше предвидена казна од 30 до 40 години затвор. Тие дела се убиства на претставници на највисоки државни органи, тешки дела против уставниот поредок и безбедноста на Србија, злосторничко здружување, воени злосторства против човештвото, воени злосторства, тероризам…

Во измените е предвидено дека осудено лице на доживотен затвор може условно да биде ослободен по отслужени 27 години затвор. Но, судот не може да ослободи предвреме осудени лица за убиство на деца, бремени жени и немоќни лица.

Со измените се воведува и ново кривично дело – напад врз адвокати, на предлог на Адвокатската комора на Србија.