Србија викендов се најде највисоко на црните корона-листи откако започна пандемијата и по бројот на починати, но и инфицирани од ковид-19.
Ова, меѓу другото, го наведуваат српските медиуми, кои пишуваат дека коронавирусот во земјата викендов бил потврден кај 6.412 лица, а од него само во саботата починале вкупно 51 лице. РТС информира дека изминатата недела земјата имала и по 8.000 заразени дневно.
Во исто време, заменик-директорот на Универзитетскиот клинички центар во Ниш, д-р Радмило Јанковиќ, во изјава за медиумите истакна дека доколку сега не се реагира на драматичното ширење на коронавирусот, наскоро Србија ќе се соочи со ситуација во која „цела земја ќе се зарази“.
Во изјава за српски „Телеграф“, тој вели дека овие денови се последните во кои би вредело да се преземаат радикални мерки, повикувајќи ги властите да спречат преголем притисок врз здравствениот систем поради огромниот број пациенти што имаат сериозни симптоми. Во исто време, д-р Јанковиќ вели дека овој бран на вирусот е „последниот танц со коронавирусот“, а Србија нема избор.
– Елементарната логика вели дека треба да се преземат ригорозни антиепидемиски мерки, кои вклучуваат ограничување на движењето, спречување контакти и можност за физичко ширење на вирусот. Ограничувања на собири на јавни места во затворени простории, клубови, кафулиња, па дури и продавници, освен таму каде што има основни потреби. Се разбира, со преминот кон работа и настава преку интернет – вели Јанковиќ и додава дека тие мерки би имале ефект за 15 дена, бројот на заразени лица би почнал да се намалува.