Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска најави оти Белград ќе побара одржување на итна седница на Советот за безбедност на Обединети нации поради формирањето на Војска на Косово.

– Тоа е најдиректна закана по мирот и стабилноста во регионот и по безбедноста на српскиот народ, кој живее на Косово и Метохија, истакна Дачиќ.

Претходно, српската премерка Ана Брнабиќ изјави дека денешниов ден кога Собранието во Приштина гласаше за законите за трансформација на Косовските безбедоносни сили во Војска на Косово, „не е ден кој придонесува кон стабилност во регионот“, додавајќи дека Србија ќе продолжи со својот пат кон стабилност и мир.

По повод фомирањето на Војската на Косово се огласи и српскиот министер за одбрана Александар Вулин. Тој посочи дека се „надгледува состојбата во Косово“ и дека Војската на Србија е „подготвена да ја исполни која било наредба на врховниот командант, претседателот Александар Вучиќ, кој е информиран за сите детали“.

Српскиот претседател Вучиќ, заедно со Вулин и началникот на Генералштабот на Војската на Србија, Милан Мојсиловиќ, од синоќа во следните 72 часа е во посета на повеќе единици во копнената безбедносна зона на границата кон Косово.