Главниот дел за е-автомобилите се батериите и експертите во Србија токму овде ја гледаат шансата за поголемо вклучување во изработката на возилата на струја

Инвестициите во развојот на електрични автомобили и батерии на светско ниво достигнуваат 90 милијарди долари, а некои од нив почнаа да се прелеваат и во Србија. Фокусот кон овој индустриски сектор беше насочен во февруари годинава, кога Мате Римац, сопственикот на хрватскиот производител на суперавтомобили „Римац“, објави дека една германска автомобилска компанија ќе отвори фабрика за делови за електрични автомобили во Србија. На почетокот во оваа фабрика ќе бидат вработени 5.000 работници. Во меѓувреме беше почната изградбата на две фабрики од оваа област, пишува „Данас“.

Прво во март американската компанија „Есекс“ објави дека инвестира во фабрика за жици за трансформатори, електромотори и генератори, чија вредност изнесува 30 милиони евра, а овие производи ќе бидат наменети за моторите за електрични автомобили. Набргу и германската компанија ЗФ соопшти дека планира изградба на фабрика за делови за електромотори во Панчево. Ова инвестиција во првата фаза би изнесувала 40 милиони евра, а ќе се произведуваат осовини за електричен погон за е-мобили, мотори за електрична влеча, електроника, менувачи… Вкупната инвестиција за погоните во Србија би изнесувала 85 милиони евра.
Денес електричните автомобили учествуваат со еден отсто од продадените автомобили во светот. Процените се дека до крајот на 2030 година тие ќе учествуваат со 50 отсто. Главниот пазар за овие автомобили е Кина, каде што се планира да се продадат два милиона е-автомобили до 2020 година. Главниот дел за е-автомобилите се батериите и експертите во Србија токму овде ја гледаат шансата за поголемо вклучување во изработката на возилата на струја. Имено, во близината на Лозница е откриено лежиште на јадарит, минерал со голема концентрација на литиум, кој е главен елемент за изработка на литиумско-јонски батерии.

Професорот Никола Рајаковиќ од Електротехничкиот факултет во Белград верува дека слабата точка за поголема употреба на е-автомобилите ќе биде надмината со развивање на технологијата за производство на литиумските батерии.
– Литиумот е стратегиски материјал. Би било добро да се инвестира во производството на батерии во Србија, а литиумот да не се извезува како суровина. Во случај на финално производство на батерии профитите се повисоки. Мислам дека пред нас е голема шанса, посебно што во Србија има неколку места за производство на полначи за електрични автомобили – вели Рајаковиќ за „Данас“.
Компанијата „Есекс“ од Србија ќе го покрива пазарот во радиус од 800 километри, што значи ќе бидат опфатени и Унгарија и Чешка. За да инвестираат во Србија се раководеле од фактот што овде е рудникот за бакар Бор, што претставува добра основа за развој на производството на овој метал, кој е главна компонента за електромоторите, во кои се вградува четири пати повеќе бакар од оној во конвенционалните возила.

– Електричните автомобили се област што дава огромни можности за вложување. Кај нас е проблем што не постои законска рамка и нејзиното донесување доцни. Ние отидовме далеку во оваа работа. Нашиот полнач се тестира во лабораториите на „Сименс“ во Словенија. Најголем проблем е што во Србија инфраструктурата е неразвиена, за разлика од Австрија, Хрватска и Словенија – вели Славко Вујовиќ од фирмата ИЕЕГ.
Целта на оваа компанија е да развие сопствено домашно производство на електрични автомобили и полначи, а не само да изработуваат одредени компоненти за странски компании. Но поради проблемот со бавната бирократија поминува долго време за добивање на потребната согласност и документи за изработка на електрични компоненти.