Српски државјанин, кој е осомничен дека е еден од членовите на меѓународната криминална група „Пинк Пантер“ е уапсен во Тенерифе, јавуваат шпанските медиуми. Според агенцијата „Европа прес“, тој бил уапсен како дел од акцијата за апсење на припадници на мото-бандата „Ангели на пеколот“ со пет други лица од повеќе европски земји, под обвинение за трговија со дрога, перење пари и изнуда.

Покрај српскиот државјанин, уапсени се и двајца Германци и по еден државјанин на Полска, Франција и Шпанија. Сите приведени имаат полициско досие, а за Србинот е издадена и потерница под сомнение дека е еден од членовите, а можно е и еден од водачите на „Пинк Пантер“, група која е позната по кражби на мултимилионски накит, скапоцени камења и часовници…

Србинот бил фатен додека го „контролирал“ растот на стебленца од марихуана на плантажа што ја држеле „Ангелите на пеколот“ во градот Гуаргачо. Моторџиите се уапсени во акција со специфично име „Вепар-Вулкан“, а истрагата против нив започнала во септември минатата година.

Со помош на колегите од Данска, Франција и Норвешка, полицијата во Тенерифе влегла во траг на бандата чии членови се исто така обвинети за мито и трговија со луѓе во нивните матични земји.

Во акцијата се запленети голема количина наркотични средства и оружје.