Албанскиот парламент по повеќечасовна расправа, синоќа, го усвои „пакетот закони за спречување клевета“, кој предвидува високи казни за онлајн-медиумите и дополнителни овластувања за државните надзорни агенции.

Агенцијата за аудовизуелни медиуми (АМА) со новите законски решенија добива надлежност да казнува, па дури и да затвора интернет-портали доколку оцени дека објавиле клевета или лажни вести.

„За“ гласаа 82 пратеници од албанското владејачко мнозинство, против беа 13 пратеници, петмина беа воздржани, а исто толку не гласаа.

Пакетот беше усвоен и покрај протестите на албанските новинарски здруженија и невладини организации, кои истакнуваа дека тие ќе ја нарушат слободата на изразување и слободата на медиумите.

Загриженост искажа и Евопската комисија и ги повика албанските власти да ги разгледаат препораките дадени од ОБСЕ и на Советот на Европа, со цел да се обезбеди усогласеност со европските стандарди.