Заедничко за сите три земји е што одзивот на гласачите беше помал во споредба со претходните изборни циклуси, што може да се припише и на влошената безбедносно-здравствена слика, поради повторното ширење на коронавирусот

Новата политичка мапа на Балканот, по одржувањето на парламентарните избори во Хрватска, Србија и во Македонија, го добива ново-стариот изглед. Последна на изборната патека истрча и нашата држава, која во средата ги имаше најнеизвесните избори, кои се одржаа во специфичен здравствен, економски и политички амбиент, во кој се најдоа и земјите од регионот што годинава поминуваат низ редовен изборен процес. Заедничко за сите три земји е што одзивот на гласачите беше помал во споредба со претходните изборни циклуси, што може да се припише и на влошената безбедносно-здравствена слика, поради повторното ширење на коронавирусот. Одзивот на гласачите во Хрватска, по утврдувањето на конечните резултати, е околу 47 отсто, што е најслаб одзив во историјата на хрватската парламентарна демократија. Поради корона-кризата и бојкотот на дел од опозицијата, помал одзив имаше и во Србија, каде што гласаа 48,93 отсто од запишаните гласачи.

На изборите во Македонија гласале 927.640 граѓани или 51 отсто од вкупно запишаните 1.814.263 во избирачкиот список. Овој одзив е послаб од изборите во 2016 година.
Втора заедничка карактеристика за спроведените парламентарни избори е тоа што во трите земји победија партиите или коалициите на владејачките партии. Тоа значи дека граѓаните на Балканот, генерално, не се подготвени во услови на криза да се одлучат за опозициските програми. Новите влади ќе бидат соочени со последиците од пандемијата, кои ќе следуваат во наредниот период и во почетокот од новиот четиригодишен мандат. Значаен момент по изборите е тоа што во остварувањето на новите програми досегашните премиери, односно Андреј Пленковиќ, па и Зоран Заев (доколку остане мандатар за составување на влада), ќе мора да се потпираат на поддршката на пратениците од малцинските заедници. Хрватскиот премиер е во подобра позиција поради солидното парламентарно мнозинство од 66 гласа.

Во незавидна состојба ќе биде идната македонска коалициска влада, која ќе има тесно парламентарно мнозинство и ќе се потпира на гласовите на речиси целиот албански пратенички блок. Состојбата во Србија е многу порелаксирана поради апсолутната победа на партијата на Александар Вучиќ, кој инсистира во новата влада да ги вклучи и малцинските партии. „Недостаток“ за новиот состав на српскиот парламент, е што тој ќе функционира без реална опозиција.
Програмски гледано не се очекуваат големи промени во дејствувањето на новите парламентарни мнозинства. Андреј Пленковиќ ќе настојува за го задржи политичкиот центар и ќе биде принуден да ги амортизира ударите од десницата.

Српскиот претседател ќе продолжи со досегашната политика, која се однесува на зачувување на српските позиции во преговорите со Приштина. Додека во Македонија се очекува да продолжи политиката за зачувување на придобивките од Преспанскиот договор и зачленувањето во Европската Унија.

 


Новиот состав на Саборот на Хрватска

ХДЗ и коалицијата 63
плус три пратеници од дијаспората

СДП (коалицијата „Рестарт“) 41

Татковинско движење 16

МОСТ 8
Коалицијата „Можеме“ 7

ХНС 1

Реформисти 1

Малцинствата 8

Победник на парламентарните избори во Хрватска е ХДЗ, која освои 66 мандати од 151. Коалицијата „Рестарт“ на опозициската СДП има 41 пратеник, Татковинската партија на Мирослав Шкоро 16, Мост осум. Коалицијата „Можеме“ седум, коалицијата „Паметно“ е со три мандати, а по еден имаат ХНС и Реформистите. Осум пратеници се одвоени за малцинските партии во Хрватска. Новата хрватска влада ќе ја сочинуваат ХДЗ со осум пратеници на малцинствата и од пратениците на ХНС и Реформистите.