Грчката практика за судење на мигрантите за криумчарење доведена во прашање

Кога Ханад Абди Мохамад го зграпчил воланот од криумчарскиот брод во близина на островот Лезбос во декември минатата година, тој вели дека бил исплашен, но истовремено и решен да се спаси себеси, како и останатите 33 лица на бродот, пишува „Њујорк тајмс“.

Шест години подоцна 28-годишниот Сомалиец Мохамад е во затвор на грчкиот остров Хиос, откако беше осуден на 142-годишна затворска казна поради криумчарење на луѓе.

– Уште имам кошмари за таа ноќ. Доколку не го сторев тоа сите ќе бевме мртви – вели Мохамад, опишувајќи го патешествието од Турција кон Грција за време на кое двајца патници во бродот ги загубија животите.

Во пресудата од судот во Лезбос, во која „Њујорк тајмс“ имаше увид, се наведува дека Мохамад е осуден на 142 години и десет дена во затвор поради криумчарење на мигранти во Грција, но се додава дека ќе отслужи 20 години од казната, колку што е дозволениот законски максимум во Грција.

Мохамад е еден од мигрантите кои добија долги затворски казни во изминатите неколку месеци поради криумчарење на луѓе и нелегален влез во државата, и покрај тоа што тврдеа дека само барале сигурност, според активистите за човекови права. Според правните експрерти, практиката за судење на мигрантите за криумчарење почнала со мигрантската криза во 2015-2016 година. Практиката беше засилена откако Грција ја заостри политиката за миграција во изминатите години, слично како и ЕУ. Грција ги правда казните со обврската за одбрана на границите, тврдејќи дека судовите постапуваат фер.

– Оквалификувањето на бегалец како криумчар е исто како да третирате локален дилер како да е Ескобар – вели истакната адвокатка за човекови права, Клио Папападолеон, правејќи споредба со некогашниот колумбиски наркобос Пабло Ескобар.

Таа додава дека во ниту еден од случаите немало истрага од полицијата и судските власти за пронаоѓање на вистинските криумчари, кои ги напуштаат мигрантите на отворено море. Адвокатката сепак, наведе дека мигрантите понекогаш се согласуваат да учествуваат во транспортот во договор со криумчарите за одреден финансиски надомест.

– Скандалозните и неосновани затворски казни се метода на застрашување – вели Јоанис Јоанидис, претседателот на Хеленската лига за човекови права.

Не е познато колкумина од стотиците мигранти во грчките затвори отслужуваат казни за криумчарење луѓе, односно колкумина од нив не добиле фер пресуди, наведува „Њујорк тајмс“. Според неодамнешен извештај идентификувани се барем 48 такви случаи само на Хиос и Лезбос. Се смета дека ситуацијата ја компликуваат и затегнатите односи на Грција и Турција, како и оти грчките власти ќе продолжат да спроведуваат вакви мерки со цел да ги одвратат мигрантите од намерата да дојдат во Грција.