Катастрофалните пожари во Грција, освен жртви, повредени и исчезнати, оставија зад себе и трагични судбини на луѓе кои не знаат каде се нивните најблиски. Дали се живи и загубени или се на листата загинати. Дописничката на МИА јави дека од пожарот во Грција успешно биле спасени 9-годишни близначки, на кои потоа им се губи трагата.

Од рано утрово, татко на две 9-годишни близначки, преку грчките медиуми бара помош за пронаоѓање на неговите ќерки. Девојчињата биле со бабата и дедото во населбата зафатена од пожарот и им се губи на сите секаква трага.

Родителите пријавиле во полиција, во противпожарната служба, ги посетиле сите болници, дале ДНК примерок за идентификација, во случај девојчињата да се меѓу загинатите.

Таткото на близначките, за грчката телевизија Скај, вели дека за неговите родители нема никаква информација, а сосема случајно на телевизија, во прилог за спасувачката акција по море, во еден од чамците ги видел неговите ќерки.

Од телевизијата, со посредство на полицијата, до таткото било доставен примерок од видеото, на кое тој вели дека со сигурност се неговите ќерки. Меѓутоа, сега, никој не знае каде се девојчињата. Заедно со група граѓани, биле спасени од една од плажите и со брод пренесени до пристаништето Рафина.

– Она што ме загрижува е што никој не нѐ извести. Ако се случило најлошото и моите родители се мртви, а девојчињата се спасени, никој не нѐ известил дали некој ги згрижил и каде. Затоа што јасно се гледа дека во чамецот се сами – вели таткото на 9-годишните близначки за грчката телевизија Скај.