Собранието на Србија го донесе Законот за референдум, со кој се воведуваат значајни измени во однос на изјаснувањето на народот за одредени прашања што се од општ интерес за граѓаните. Со новите измени повеќе не е важно колку гласачи се запишани на избирачкиот список, затоа што се укинува цензусот од 50 отсто одзив заради успешност на референдумот. Како поважна новина е воведувањето такса од 40 динари за заверка на потпис во случај кога граѓаните сакаат да предложат измени на Уставот или на нов закон.
Ова значи дека за измените на Уставот, преку одржување референдум, се потребни 150 илјади потписи од граѓаните и за тоа ќе „платат“ околу 50 илјади евра. За предлагање закон, потребни се 30.000 потписи или десет илјади евра за заверка на граѓанските потписи, пишува Би-би-си.
Владата на Србија соопшти дека новите решенија ќе им овозможат на граѓаните ефикасно да го остваруваат уставното загарантирано право преку иницијатива за одржување на референдум. Овој закон се заснова на препораките на Советот на Европа од 2020 година.
Во Србија во наредните месеци може да се очекува иницијатива за неколку референдуми. За февруари наредната година се најавени уставни промени, а можен е референдум и за отворањето на рудникот за литиум кај Лозница.
Со бришењето на цензусот од српскиот устав се следи и практиката во Франција, Норвешка и во Ирска, кои не предвидуваат исполнување цензус за референдум.