Поединечните настапи на лидерите од регионот што учествуваа на самитот „Брдо-Бриони“, ги изнесоа разликите во нивните погледи поврзани за клучните прашања, кои се однесуваат на процесот на проширување на Европската Унија и за неменливоста на границите во регионот

Наспроти искажаните заложби за обединета Европа заедно со Западен Балкан, кои се содржани во заедничката декларација од самитот во Брдо-Бриони, во Словенија, поединечните настапи на лидерите од регионот ги изнесоа на виделина и разликите во нивните погледи поврзани за клучните прашања, кои се однесуваат на процесот на проширување на Европската Унија и за неменливоста на границите. Домаќинот на самитот, словенечкиот претседател Борут Пахор, изјави дека не било лесно да се состави текстот на заедничката декларација. Како што нагласи тој, ова „било една од најтешките средби затоа што не било лесно да се постигне компромис за заедничките заклучоци по самитот“.
Осумте претседатели од Западен Балкан по еднодневниот самит на процесот „Брдо-Бриони“ во Словенија ја повикаа ЕУ да го забрза процесот на пристапување, повикувајќи на итно отворање преговори за членство со Албанија и Македонија.
„Обединувањето на Европа не е целосно без Западен Балкан. Со членството во Европската Унија, границите стануваат помалку важни. ЕУ треба да биде поактивно поврзана со сите земји од Западен Балкан и секој партнер е посветен на побрзо и поефикасно усвојување и спроведување на потребните реформи. Ние ја потенцираме нашата посветеност на мирот и стабилноста, како и на добрососедските односи“, се клучните заклучоци од заедничката декларација на шестте земји од Западен Балкан и копретседателите Словенија и Хрватска. Во декларацијата уште се вели дека ЕУ треба без одложување да започне преговори со Македонија и со Албанија и се забележува проблемот што го има нашата земја со блокадата од Бугарија.

Борут Пахор: Балканот е геополитичко прашање

Претседателот на Словенија, Борут Пахор, напомена дека од завршната декларација е изоставен делот за непроменливост на државните граници поради инсистирање на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Вучиќ не беше против дискусија за забрана на промена на границите, но предложи формулација што ќе ги анулира сите дипломатски признавања на Косово. Тоа ќе нѐ одведеше во дискусија што никаде не нѐ води. Верувам дека состанокот беше успешен пред сѐ затоа што се собраа само лидерите, немавме други гости. Првпат се состанавме, се погледнавме еден со друг во очи и разговаравме за проблемите во регионот – изјави Пахор.
Пахор посочи дека лидерите од регионот имаат одговорност да се грижат за безбедноста и благосостојбата и дека ова не е прашање во кое тие треба да се потпрат на Европската Унија. Тој ја повика ЕУ да го набљудува регионот како целина во процесот на европска интеграција.
– Западен Балкан е геополитичко прашање на ЕУ. Тоа е област опкружена со државите на Унијата – рече тој.
Пахор посочи дека европската интеграција на регионот е заеднички процес: ЕУ мора да го забрза проширувањето, а земјите од Западен Балкан да ги забрзаат реформите.

Мило Ѓукановиќ: Црна Гора предводник на регатата

Мило Ѓукановиќ, претседателот на Црна Гора, предложил проширувањето или приемот на земјите од Западен Балкан во ЕУ да почива стриктно на принципите на регата со почитување на тоа што е индивидуален напредок на секоја земја. Од неговиот кабинет беше соопштено дела црногорскиот претседател предложил да се усвои еден заклучок што би значело остро противење на идејата за промена на границата на Западен Балкан, но не бил постигнат консензус за оваа идеја.
Претседателот на ЦГ нагласил дека девет години неговата земја води преговори со ЕУ, во кој е постигнат напредок од сите други земји од регионот.
– Свесни сме дека е поважно целиот регион во блиска иднина да стане дел од ЕУ. Тоа е најголема гаранција за стабилноста, економскиот и демократскиот просперитет. Но не сакаме да се откажеме од годините во кои посветено работевме на реформите и кои нѐ доведоа до членство во НАТО, и до денешната позиција во која Црна Гора е единствена земја аспирант што ги затворила сите преговарачки поглавја – изјави Ѓукановиќ.

Александар Вучиќ: Приштина се однесува нерационално

Српскиот претседател ја искажа подготвеноста за продолжување на дијалогот со Приштина, но искажа загриженост од изнесените ставови на приштинските власти на самитот „Брдо-Бриони“.
– Тие инсистираат на нешто што не пишува во документот, односно да се внесе нешто што би подразбирало исцртување граници што не постојат. Нашите ставови ги бранев со аргументи. Во ставовите на Приштина нема ништо рационално. За ставот на почитување на принципот на регата, значи дека Србија и Црна Гора одат први. Нам ни е поважно да видиме што можеме да направиме во нашиот регион – изјави Вучиќ.

Зоран Милановиќ: Самитот не ги решава билатералните проблеми

– Не се сите на исто ниво во напредокот на преговорите. Некои се понапред, некои се поназад. Северна Македонија се наоѓа во една невозможна позиција во процесот на евроинтеграциите. Се работи за условите што им се поставени во една, релативно зрела фаза на преговорите со ЕУ, а се однесува на содржината во некои учебници по историја. Тоа е влегување во интимен простор и тоа не се прави, и на тоа, отворено ќе се спротивставам – изјави претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.
Тој посочи дека и Словенија и Хрватска имале многу жив и динамичен однос, каде што Словенија поставувала некои услови, но, како што рече, никогаш не чувствувал или гледал дека Словенија сака да ѝ наштети на Хрватска или да ја спречи или понижи.
Тој додаде дека на состанокот е постигнат компромис „на кој некој мораше да се откаже од нешто“ и дека единствениот мотив за самитот е Хрватска и Словенија да им помогнат на земјите од регионот во процесот на евроинтеграција.
– Билатералните проблеми на државите нема да можат да се решат во рамките на процесот „Брдо-Бриони“ и мислам дека би било здраво да не ги користиме премногу, бидејќи тоа денес малку ја попречи нашата работа – додаде хрватскиот претседател.