Поради сегашната регулатива за пензионирање, во некои занимања веќе има значаен дефицит на работна сила

По навршување на 65 години старост, на хрватските работници во просек им остануваат само пет години како пензионери, додека просекот во ЕУ е околу десет години, предупредуваат синдикалните организации

Синдикалните активисти во Хрватска се подготвуваат за собирање потписи за референдум со кој би се спречило подигнувањето на старосната граница за заминување во пензија од 65 на 67 години, како и за намалување на казнената стапка за предвремено пензионирање.

– Пензионирањето на 67 години е премногу за Хрватска. Нашите граѓани во просек живеат три години помалку од просекот на Европската Унија. Со сегашните трендови нема да се изедначиме со просечниот животен век во Европа. По навршувањето на 65 години имаме само пет години како пензионери, додека просекот во ЕУ е околу десет години – вели Крешимир Север, претседател на Независните хрватски синдикати, за ХРТ.

Иницијативата за собирање потписи со наслов „67 е премногу“ ја поддржуваат и од Сојузот на самостојни синдикати на Хрватска, Независните хрватски синдикати и Матица на хрватските синдикати, а потписите за референдум ќе се собираат од 27 април до 11 мај.

Претседателот на Независните синдикати, Крешимир Север, останува на барањето за пензионирање на 65 години, а стапката за предвремено пензионирање да се намали од сегашните 0,3 на 0,2 отсто за секој месец што недостига во пензискиот стаж на работникот, како и преодниот период за изедначување на жените и мажите да се врати на сегашните четири месеци за една година. Од синдикатот предлагаат возраста за стекнување старосна пензија за долгогодишниот осигуреник да се стекне со 60 години и 41 година работен стаж, а не како што се предлага во новиот закон од 2027 година, тоа да се смени на 61 година.

Од синдикатите не очекуваат дека со новиот закон, кој би се предложил со референдумско изјаснување на граѓаните, ќе да се решат сите проблеми на хрватскиот пензиски систем, но се надеваат дека сите идни решенија нема да бидат на грбот на работниците. За одржување референдум се потребни 370 или 380 илјади потписи, но прогнозите на синдикалците се дека ќе бидат собрани над половина милион потписи.
– За оваа иницијатива постои големо интересирање кај населението во Хрватска. Ние гарантираме дека ќе ги покриеме сите жупании и населени места каде што постои интересирање за давање потписи за референдумот – изјави Бранимир Михалинец, потпретседателот на Матица на хрватските синдикати.

Референдумското прашање ќе гласи „Дали сте за тоа со референдум да се донесе законот за измена на Законот за пензиско осигурување?“. Во предложениот текст генерално се дефинирани основните права, како што е пензионирање со 65 години живот и 15 години работен стаж, заминување во предвремена пензија со 60 години живот и 35 години стаж и помали казани за предвремено пензионирање.

Сања Бариќ, раководителка на Катедрата за уставно право на Правниот факултет на Универзитетот во Риека, за „Нет.хр“ изјави дека начелно предлог-законот е во согласност со сите формални барања на Уставниот суд и дека со успешен референдум, предложените измени стануваат и законско решение. Но постои проблем што ваквото прашање има влијание на државниот буџет, кој е под исклучива надлежност на парламентот на Хрватска.

– Државниот буџет ги вклучува и здравственото и пензиското осигурување во поширока смисла, затоа што државата конечно мора да најде средства за редовна исплата на пензиите во соодветниот износ. Оваа одлука има изразени и јасни финансиски последици, а овластувањата за носење на буџетот се во рацете на пратениците – објаснува Бариќ.

Доцентот на Катедрата за работно и социјално право на Правниот факултет во Загреб, Виктор Готовац, за „Телеграм“ изјави дека референдумската иницијатива е легитимна, но проблем се бројките.

– Реалноста е дека ни Хрватска нема да го избегне продолжувањето на работниот век. Поради сегашната регулатива за заминување во пензија, во некои занимања веќе имаме значаен дефицит на работна сила, додека пензионираните лекари или професори работат во приватни установи – вели Готовац.

Тој е уверен дека доколку референдумското прашање се најде пред Уставниот суд, тоа нема да помине кај уставните судии. Ова прашање претставува водење на економската политика, која е во рацете на државата. Доколку помине ова, може да помине и некој иден референдум за укинување на даноците, што не е разумна одлука и би го довело во прашање опстанокот на државниот поредок во Хрватска.