Возач на автобус бил нападнат на релација Дортмунд-Белград кај Линц во Австрија.

Според извештаите од српските медиуми, нападот го извршил Хрват (25) кој со нож го нападнал возачот (40) од српска националност и неколку пати го прободел.

Според информациите, сè се случило на паркинг. Патниците успеале да го запрат напаѓачот, а мажот бил пренесен во болница.

Австриската полиција и обвинителството ги утврдуваат причините за нападот.

Како што потврдил директорот на превозникот „Ласта“, Владан Секулиќ, драмата се одвивала во близина на Линц во Австрија.

– Патникот кој го нападнал возачот влегол на станицата во Линц. На нападот не му претходела расправија. Во еден момент тој станал од своето место и почнал чудно да се однесува. Извадил мало сечило и го ранил нашиот колега. Тој бил совладан од совозачот и другите патници, а нападнатиот возач се здобил со полесни повреди. Напаѓачот бил приведен од австриската полиција, а сите патници дале изјава – објаснил Секулиќ.

Според неговите зборови, повредениот колега е добро, сите патници пристигнале во Белград, а кога ќе го добие извештајот на австриската полиција, превозникот официјално ќе објави за овој инцидент.