Секој жител во Федерацијата БиХ годишно на коцкање и на обложување во просек троши повеќе 330 евра

Босна и Херцеговина е прва во Европа според бројот на обложувачници и бројот на жители, а во намерата да се спречи ширењето на овој порок се вклучи и Исламската заедница, која наложи во молитвите во текот на викендот да биде прочитан говорот хутба од имамот Харис Хаџиќ, за забрана на коцкањето. Во него се посочува дека граѓаните на БиХ на игрите на среќа потрошиле речиси како еден годишен буџет на федерацијата, пренесуваат медиумите во регионот.

Исламската заедница ја прогласи 2019-та за година на борба против порокот коцкање, а вчерашната молитва беше еден од начините на верниците да им се укаже на штетноста и негативната појава, која има економски и морални последици за општеството.

– Коцкањето во исламот е забрането. Исламот забранува секаков облик на коцка и обложување. Тие се голема опасност за општеството, како и за поединецот. Оваа навика од луѓето прави непродуктивни лица и општествени паразити, им ги уништува способноста, времето и енергијата. Тие што се коцкаат ги занемаруваат своите обврски, пред сѐ кон својот Создател, како и обврските кон своето семејство и заедница. Ваквите лица во својата заблудена страст ги прегазуваат својата чест, вера и земја, заради единствена желба да остварат некаква замислена заработка – вели имамот Хаџиќ.

Граѓаните на Федерацијата БиХ во 2018 година на обложувачниците потрошиле 1,6 милијарда конвертабилни марки, 672 милиони КМ повеќе од буџетот на кантонот Сараево, а за околу 250.000 КМ помалку од буџетот на Федерацијата БиХ, пренесува порталот Кликс.ба.

Секој жител во Федерацијата БиХ годишно на коцкање и обложување во просек троши повеќе од 660 КМ, односно 330 евра, или дневно тој на игрите на среќа остава сума во вредност од две векни леб.