Дел од мерките за намалување на загаденоста е и одобрувањето бесплатни паркинзи во близината на станиците на метрото, како на десната страна од големите булевари

Градската управа на Софија вчера го пушти во продажба зелениот билет по цена од еден лев за сите видови јавен превоз, поради високото ниво на загадување на воздухот во последните денови. Завчера нивото на фините честички во воздухот во главниот град на Бугарија беше пет пати над дозволеното. Зелениот билет, кој им овозможува да граѓаните да патуваат во текот на целиот ден, може да биде купен на повеќе пунктови во градот, на благајните на градското метро, од возачите во градскиот транспорт или преку мобилна апликација.
Дел од мерките за намалување на загаденоста е и одобрувањето бесплатни паркинзи во близината на станиците на метрото, како на десната страна од големите булевари. Паралелно со ова градските инспекции продолжуваат со проверка на домовите за неовластено горење друг огревен материјал.

Во последните неколку дена на одделни места во Бугарија беше забележано надминување на дозволените норми на фини честички во воздухот. Според податоците на Агенцијата за животна средина, воздухот бил загаден во 16 бугарски градови, а меѓу нив е и Софија, пишуваат бугарските медиуми.

Петар Киров, од агенцијата „Ербг.инфо“, вели дека сѐ уште се наоѓаат на почетокот на грејната сезона, но ситуацијата воопшто не е розова.

– Не може да се каже дали има големи разлики во однос на минатите години. На крајот на зимата ќе видиме каква е состојбата со загадувањето на воздухот. Вчера податоците беа значително повисоки, но имаше магла, а таа ги кондензира сите честички. Тоа, сепак, не значи дека загадувањето над Софија е исчезнато – изјави Киров во емисијата „Бугарија наутро“.

Граѓанската иницијатива „Ербг.инфо“ се појави кон крајот на минатата година. По речиси една и пол година постоење, организацијата веќе има поставено околу 780 мерни станици на територијата на целата земја, од нив околу 380 се наоѓаат во главниот град.

– Нашите мерни станици не ги чинат даночните обврзници ништо. Во исто време тие се поверодостојни бидејќи можат информациите за загаденоста да се земаат од повеќе места. Веќе трета година се зборува за овој проблем, но од сето досега што е направено, станува јасно дека не се работи методично и со јасна визија – вели тој.

Инспекцијата на општината Софија во соработка со полицијата изврши ноќни контроли за неовластено согорување на отпадот, објави БТВ. Цел на проверката беа складиштата со секундарни суровини, градилиштата и автомобилските работилници. Градот има обезбедено 34 места каде што граѓаните можат да ги оставаат старите автомобилски гуми.