Лидерот на турската ултра националистичка Партија на големиот сојуз (ББП), Мустафа Дестиџи, кој е коалициски партнер на Партијата на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави дека ќе предложи враќање на смртната казна во Турција, која беше укината во 2002 година.

– Ќе го доставиме нашиот предлог за смртната казна до Парламентот. Ќе го доставиме до пратеничките групи на четирите (парламентарни) партии и ќе побараме поддршка од нив, изјави Дестинџи, додавајќи дека доколку ББП не добие поддршка за ваквата идеја од останатите партии, тогаш ќе иницира распишување референдум за ова прашање.

Како што јави ДПА, Ердоган неодамна на погребот на една жена и нејзиниот 11-месечен син, кои загинаа при напад за кој се осомничени курдските бунтовници, изјави дека доколку Парламентот усвои одлука за повторно воведување на смртната казна, тој ќе нема друга опција освен да ја одобри.

Смртна казна во Турција последен пат е извршена во 1984 година. Оваа казна беше укината со реформите што ги усвои турскиот Парламент во 2002 година, како дел од напорите на земјата за прибижување кон ЕУ.

По обидот за преврат во јули 2016 година, одделни турски кругови го покренаа прашањето за враќање на смртната казна. но властите во Анкара се откажаа од таа идеја, откако Брисел предупреди дека нејзиното повторно воведување ќе значи „крај на кандидатурата за членство на Турција во ЕУ“.