Одбраната на Јовица Станишиќ, поранешен шеф на Државната безбедност на Србија, последниот ден на изнесувањето на завршните зборови на повторното судење во Хаг на Станишиќ и Симатовиќ, поранешен заповедник на Единицата за специјални операции, утврди дека Станишиќ во 1991 година стапил во контакт со американската разузнавачка агенција ЦИА и во 1993 година ја навел ЦИА на локациите на масовните гробници во Босна, објави српски „Блиц“.
Ова не е првпат Станишиќ да се доведува во врска со ЦИА. Во 2009 година, „Лос Анџелес тајмс“ објави дека Станишиќ, кој е обвинет во Хаг за воени злосторства и злосторства против човештвото во Хрватска и БиХ, во 1990-тите години бил најважниот човек на ЦИА во Белград.

Адвокатот Вејн Џордаш, бранителот на Станишиќ, во изнесувањето на завршните зборови повторно ја спомена соработката со ЦИА како адут на својот клиент.
– Станишиќ стапи во контакт со ЦИА во 1991 година и беше доверлив соработник – изјави Џордаш.
Како што пренесува „Блиц“, Џордаш им рекол на судиите дека Станишиќ немало во 1993 година да ја води ЦИА во БиХ, за да се пронајдат масовните гробници, ако бил учесник во злосторничките потфати, за што го товари обвинението. Згора на тоа, пред Хашкиот суд во 2019 година него како агент на ЦИА го посочи и сер Ивор Робертс, поранешен британски амбасадор во Србија, кој сведочеше по повик на одбраната на Станишиќ. Робертс тогаш сведочеше врз основа на сознанијата изнесени во неговата книга за времето поминато во Белград меѓу 1994 и 1997 година, во која напиша дека Станишиќ е агент на ЦИА.