Во новата населба во Општина Звечани се планира да се вселат 1.300 раселени лица од српската заедница во Косово

Kосово

Во Звечани, општина со мнозинско српско население на северот на Косово, српската држава и Српската православна црква ја привршуваат изградбата на населбата Сончева Долина, во која се изградени 300 станбени единици, кои се наменети за раселените лица од српската заедница од Косово. За оваа населба, чија вредност се проценува на 14 милиони евра, никој не сака официјално да говори, а од власта во Приштина наведуваат дека нема докази дека оваа населба ја добила потребната дозвола од локалната самоуправа, пишува Радио Слободна Европа.
Прашањето за враќање на раселените лица по војната на Косово во 1999 година, беше тема на минатонеделното продолжување на дијалогот меѓу Косово и Србија во Брисел, кога косовскиот премиер Авдучах Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ ги усогласија ставовите, без да објават детали. Според податоците на УНХЦР од 2016 година, се зборува за околу 107.000 раселени лица од Косово. Од нив 88.000 се во Србија, повеќе од 1.400 во Црна Гора и над 600 лица во Македонија.

Станбените единици во населбата Сончева Долина, со кои управуваат општинските власти во Звечани, нема да се продаваат и ќе им бидат отстапени на раселените лица, за да се реши прашањето за домување на социјално загрозените и раселени лица од Косово.
Спогодбата за изградба на населбата беше потпишана во 2015 година и досега се изградени повеќе од 250 станбени единици. Пред крај се изградбата на градинка, црква и други придружни содржини. Населбата опфаќа простор од 24 хектари на која ќе бидат сместени околу 1.500 раселени лица од Косово, а кои живеат во Србија, Црна Гора и во други држави од Западен Балкан.
Од Министерството за економија и заштита на животната средина во Владата на Косово велат дека изградбата на Сончева Долина се изведува без дозвола на косовските власти. Главниот инспектор Бедри Халими вели дека од министерството ја побарале од Општина Звечани потребната документација за изградба на населбата, но таа не е доставена.

Премиерот на Косово Авдулах Хоти, во јули годинава, изјави дека нема да дозволи спроведување проекти на северот на земјата што се финансирани од Србија, а кои се во спротивност со косовските закони.
– Знам дека имаме тешкотии за целосно спроведување на законот во овој дел од земјата, но никогаш нема да се откажеме од почитување на законите – изјави Хоти.
Според планот на Марти Ахтисари за решавање на конечниот статус на Косово од 2007 година, Српската православна црква на Косово е „исклучив сопственик на својот имот на Косово, со исклучиво дискрециско право да управува со својот имот и да пристапува до своите објекти“.

Професорот и експерт за уставни прашања Риза Смака, за РСЕ, нагласува дека СПЦ може да гради верски објекти што се во служба на црквата и дека нема право да гради населби. Кон средината на 2019 година, врз основа на решението на Владата на Србија, Комисијата за избор на корисници објави јавен оглас за распределба на еден дел од станбените единици во населбата за повратници Сончева Долина. Но процесот на вселување сѐ уште не е почнат.