БУГАРИЈА

Бугарскиот технички премиер Стефан Јанев го свика Советот за безбедност, а темата на состанокот беше „Тековните ризици и закани по системот за заштита на националната безбедност на Бугарија“. Во агендата на состанокот на Советот за безбедност е предвидено дискусија за мерките за обезбедување политичка стабилност, потребата од нови и соодветни антикорупциски политики, имплементација на поефикасни механизми за координација и интеракција на структурите во безбедносниот сектор. Претставниците на Советот ќе дискутираат и за воведување санкции од САД за шестмина Бугари поради корупција.
Корумпираната средина во Бугарија не само што го урива меѓународен авторитет на државата туку го поткопува и политичкиот систем, темелите на демократијата, правејќи ја нефункционална и неефикасна – нагласил бугарскиот технички премиер, Стефан Јанев, на состанокот на Советот за безбедност.
Не можеме да имаме стабилен политички систем, просперитетна економија или функционален социјален систем без да ги решиме основните проблеми со корупцијата, додаде Јанев.
Министерството за финансии на САД воведе санкции против неколкумина Бугари и 64 компании, поради што Јанев коментира дека ова е сериозен сигнал дека корупцијата во Бугарија има длабоки корени во политичкиот и во економскиот систем на земјата и дека проблемите и последиците во овој поглед веќе се надвор од границите.