Првите прелиминарни резултати од научномедицинската студија покажуваат пораст на зачестеноста на малигни болести кај граѓаните на Србија, особено кај децата на возраст до девет години, предупреди Дарко Лакетиќ, претседател на собраниската комисија за истражување на последиците од НАТО-бомбардирањето на Србија.
Студијата за зачестеноста на малигните заболувања кај децата од една до 18 години е спроведена во соработка со институтот „Милан Јовановиќ-Батут“. Оваа студија сѐ уште не е завршена, но првите резултати од неа се доставени до сите пратеници во Собранието на Србија заради нивно подобро информирање, пренесе РТС.

Лакетиќ, во интервју за весникот „Политика“, ја изнесе констатацијата дека „некои отрови влијаат врз здравствената состојба кај децата и може да се претпостави зошто се случува тоа, ако се знае колку отрови биле ослободени во животната средина со бомбардирањето во 1999 година“.

Студијата, пред сѐ, се занимава со истражување на зачестеноста на малигните тумори, т.н. ектодермални тумори кај децата од една до пет години, зачестеноста на малигните заболувања во крвта кај децата од пет до девет години и за зачестеноста на туморот на мозокот кај децата од девет до 18 години. Истражувањето се однесуваат на најранливата категорија граѓани, кои се родени, живееле и растеле во периодот на воените дејства во кои се користени и бомби со осиромашен ураниум, во периодот на 1999 година при бомбардирањето на НАТО, посочува Лакетиќ.

Според неговите зборови, анализирана е комплетната документација и од истражувањата на комисијата на италијанскиот парламент, која ја утврдувала поврзаноста на осиромашениот ураниум со смртноста кај италијанските војници, кои биле во меѓународни мисии, вклучувајќи ја и онаа во Косово. Во извештајот на комисијата на италијанскиот парламент имало докази дека постои поврзаност меѓу овие две појави, пренесува РТС.

– Осиромашениот ураниум е врв на ледениот брег. Значајно е тоа што некои земји, меѓу кои Холандија и Норвешка, пред Обединетите нации отворија расправа за влијанието на осиромашениот ураниум на здравјето на населението – вели Лакетиќ.

Целта на истражувањето, кое го спроведува парламентарната комисија, е да се дојде до вистината за тоа зошто граѓаните на Србија заболуваат повеќе од другите граѓаните во другите земји.


Опозицијата почна со бојкот на Собранието

Пратениците на опозицискиот Сојуз за Србија ја бојкотираа вчерашната седница на српското собрание, истакнувајќи дека нема да учествуваат во работата на републичкото и на локалните собранија, додека не се исполнат барањата од протестите „Еден од пет милиони“ и не се овозможат слободни и фер избори.
Како што се наведува во соопштението на СЗС, бојкотот е во согласност со „договорот што им е понуден на граѓаните и за чија реализација опозицијата гарантира со своите потписи“.
– Првиот следен чекор ќе биде формирањето на Асоцијацијата на слободни одборници, која треба да ги олесни соработката и координацијата на одборниците во услови на бојкот на работата на локалните парламенти. Не сакаме да бидеме дел од фасадната демократија и да му даваме легитимитет на еден тоталитарен режим, кој го задушува секое поинакво мислење, а политичките противници ги третира како државни непријатели – обвинија од Сојузот за Србија.
Пратеникот на владејачката Српска напредна партија, Александар Мартиновиќ, за бојкотот на дел од опозицијата возврати со обвинување дека некои пратеници продолжуваат со старата практика да не ги извршуваат своите обврски, но не се откажуваат од платата и од своите пратенички привилегии.
– Власта се добива и се губи на избори, а не на улиците. Ако сакаат избори, нека кажат јавно и ние ќе им излеземе во пресрет. Тие сакаат да ја добијат власта на друг начин. Дали повторно сакаат да го повторат сценариото од некои други држави? Јас мислам дека тоа не е иднината на Србија и на земјата ѝ се потребни мир и стабилност – изјави Мартиновиќ.