За опозицијата темата за Косово е мамка на власта за прекинување на бојкотот во српското собрание

Собранието на Србија за вчера попладне ја закажа седницата на која претседателот Александар Вучиќ треба да поднесе извештај за Косово. На седницата нема да дојде дел од опозицијата, која и натаму го бојкотира парламентот и која истакнува дека седницата за Косово е „уште една измама“ на актуелната власт и „фингирање на дијалогот“. Од опозицијата наведуваат дека граѓаните нема ништо ново да слушнат од претседателот Вучиќ. Владејачкото мнозинство, пак, оценува дека со недоаѓањето на седницата опозицијата покажува дека воопшто не ѝ грижа за Косово. Расправата се очекува да трае два дена, објави Радио Слободна Европа.

Дел од опозицијата, која е собрана околу Сојузот за Србија, нема да присуствува на посебната парламентарна седница, затоа што смета дека тоа е „мамка за враќање на опозицијата во парламентот“. Претставниците на опозицијата, односно Горан Чириќ (ДП), Бошко Обрадовиќ (Двери), Санда Рашковиќ Ивиќ (Народна партија), Марко Ѓуришиќ (СДС) и Мариника Тепиќ (Партија на слободата и правдата) вчера на заедничка прес-конференција ги образложија причините за продолжување на бојкотот во српското собрание.

Чириќ ја смета за важна темата за Косово, но, како што нагласи тој, бојкотот е поради однесувањето на мнозинството над малцинството во српското собрание.
– Оваа седница ја сметаме за претстава во функција на предизборната кампања и за напад на опозицијата – рече тој пред новинарите.

Мариника Тепиќ посочи дека во извештајот, кој е доставен до пратениците, ги нема клучните одговори за кои чекале седум години, а кои се однесуваат на предлозите на српскиот претседател за решавање на косовскиот проблем.

– Тој често преговара, а опозицијата не знае за што се преговара – додаде таа.
Посебната седница за Косово требаше да почне во десет часот, но таа е презакажана за во 16 часот заради поголемата гледаност на настапот на српскиот претседател Александар Вучиќ. Медиумите во Србија вчера објавија дека неговиот говор ќе биде во времетраење меѓу два и три часа.

– По седницата нема да биде појасна позицијата на Србија за идниот статус на Косово и Метохија. Единствено власта се надева дека уште повеќе ќе ја зацврсти позицијата и ќе го деградира Собранието – изјави Марко Ѓуришиќ.