Сведоштва за експлозијата во фабриката „Слобода“ во Чачак

Еден од работниците во фабриката за муниција „Слобода“ во Чачак изјави дека немало многумина присутни во ноќната смена кога дошло до експлозијата, која се случила во магацин што се наоѓа на околу километар и пол од фабриката. Српската премиерка Ана Брнабиќ соопшти дека во несреќата нема повредени, нагласувајќи дека причинетата штета ќе биде санирана.

– Беше страшно, како за време на бомбардирањето. Побегнавме од двокатната куќа во подрум кој го користевме тогаш. Детонацијата се слушна силно и прозорите се тресеа – објаснува Д.Г. кој работи во „Слобода“ во изјава за српскиот портал „Б92“.

Експозијата ги вознемирила жителите на Чачак.

– Нашата куќа се наоѓа на 200 метри воздушна линија од „Слобода“. Гледаме во неа, но тој погон не е свртен накај нас. Се подготвував да заспијам, а тогаш слушнав нешто налик на огномет. Си помислив, какво е ова славје во 1.30 часот… Потоа дојде до силна детонација, кога сопругот излезе надвор и виде чад. Кажа „Слобода“ гори. Ништо не размислував, само го земав детето и истрчав надвор на улицата. Луѓето врескаа, автомобили возеа брзо – вели Милица Ѓокиќ која живее во близина на фабриката, додавајќи оти „мислела дека сѐ ќе експлодира“, како и дека слушнала „рафални детонации“.

Компанијата „Слобода“ соопшти дека до пожарот и до експлозијата дошло во издвоен дел од фабриката во приградското население „Придворица“ кој е предвиден за складирање и чување на елементи за комплетирање на готови производи за муниција од помали калибри, како и дека е формирана комисија која треба да ја утврди причината за пожарот.