На годинашното одбележување на Меѓународниот ден на пчелите на 20 мај, чија централна прослава ќе се одржи во Рим во седиштето на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), Словенија на Светата столица и на папата Франциск ќе им подари кошница со крањски пчели, соопшти во четвртокот словенечката влада.

Министерката за земјоделство Александра Пивец на прес-конференцијата изјави дека претставниците на нејзиното министерство и здружението на словенечките пчелари за време на прославата на Денот на пчелите во Рим, исто така, предвиделе посета на Ватикан, при што на папата Франциск ќе му подарат пчеларник со словенечки пчели.

– Кошницата треба да се постави во градините на Ватикан и да биде подарок од Словенија за Светата Столица – рече министерката.

Словенија беше меѓу главните иницијатори да се прогласи 20 мај за Ден на пчелите, со цел да се укаже на важноста на овие инсекти за опрашување на растенијата, а со тоа и безбедноста на храната за човештвото.