Царинската рамка од Косово за увоз на производи од Србија на српската економија ќе ѝ нанесе штета од 500 милиони евра годишно, а корист од оваа мерка на приштинските власти ќе имаат соседните земји и другите најразвиени економии.
Податоците за економската размена на Косово покажуваат дека најголем бизнис оствариле фирмите од Словенија и од Македонија, пишува во истражувањето на „Блиц бизнис“.

Според најновите податоци, Косово во февруари годинава го зголемило увозот за 13,4 отсто, односно за 27 милиони евра, во споредба со февруари 2018 година. Најголеми зголемувања има во набавките од Словенија, која на Косово продала производи за 9,3 отсто повеќе во однос на истиот период лани. На второ место е Македонија, која извезла производи за седум милиони евра повеќе во однос на лани. Потоа следуваат Албанија и Турција, а увозот од овие земји е зголемен за шест милиони евра.
Германија и Кина го зголемиле извозот во Косово за пет милиони евра. Пораст во размената со Косово бележат и Хрватска и Црна Гора, со 1,5 милион, односно со 400 илјади евра.

Набавките од централна Србија се намалени за 98,4 отсто. Во февруари српските фирми на Косово продале производи во вредност од половина милион евра, за разлика од лани, кога извозот изнесувал 30,1 милиони евра.