На Словенците ќе им требаат ковид-потврди и за работа од дома, инаку ќе се соочат со казни. Ова го соопшти тамошното министерството за труд, кое појасни дека дури и оние што работат од дома не се ослободени од обврската да поднесат потврда за вакцинација, прележан коронавирус или негативен тест, јави телевизијата Н1.
Според пишувањата на регионалните медиуми, ако вработените што работат од дома немаат ковид-потврда, тие ќе мора да се самотестираат со брз антигенски тест најмалку еднаш неделно, по што ќе мора сертификатот да го испратат до работодавачот, а во него да бидат наведени датумот на тестирање, резултатот од тестот и потпис. Трошоците за тестирање се на товар на работодавачот.
Инаку, Словенија од неодамна воведе ковид-сертификат за работа, за одење во трговски центри, здравствени установи, јавен превоз, освен за студентите, како и за различните услужни дејности и јавни институции. Во земјата имаше протести против овие мерки.