Дванаесет лица во Словенија се сомничат за повеќе кривични дела поврзани со корупција во банкарството, а едно од нив е задржано во притвор, јавуваат словенечките медиуми.

Како што денеска соопшти полицијата, опсежната истрага на подрачјето на Марибор и Крањ заврши доцна синоќа, при што на слобода се пуштени 11 од 12 приведени, додека еден денеска ќе биде испрашан од истражен судија.

Под сомнеж се службеници од две банки, една од Марибор, додека другата има седиште во Крањ и филијала во Марибор.

Тие се сомничат дека барале мито за одобрување на кредити. Вкупниот износ на тие барања, според полициските податоци, изнесувал вкупно над 400 илјади евра, но целата сума не била исплатена.

– Одделни банкари како услуга барале недозволена награда во облик на процент од една кредитна зделка – соопшти полицијата, при тоа додавајќи дека сумите на побараното мито се движеле од 2.000 до 170.000 евра.

Медиумите наведуваат дека станува збор за вработени во банката НКБМ од Марибор и филијалата на истата банка ЛОН од Крањ.