При споредбата на процентуалниот раст на годишниот БДП по жител и приливите на странските инвестиции има евидентни осцилации, а најмал прилив на странски инвестиции има во БиХ и во Македонија, покажуваат економските истражувања

Странските инвестиции во Западен Балкан

Привлекувањето на странските директни инвестиции е добредојдено за економиите во транзиција, како што е во земјите од Западен Балкан, но тие предизвикуваат и различни ефекти на економскиот раст. Со надворешниот прилив на капитал, неразвиените земји можат да реализираат инфраструктурни и други развојни проекти, што ќе доведе и до пораст на националниот бруто-домашен производ. Но конечните ефекти во секоја земја зависат од нејзиниот политички и институционален капацитет и од правното опкружување. Покрај ова, за развој е потребно земјите да поседуваат развиен финансиски сектор, политичка стабилност и квалитетен човечки потенцијал.
Во истражувањето на Едиб Смоло, доктор по економски науки и експерт за исламски финансии и банкарство, чии делови се објавени на „Ал џезира“, се дава фокус на влијанието на странските директни вложувања во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и во Србија. Сите податоци што биле користени во анализата се од базата на Светската банка за периодот од 2000 до 2019 година. Општиот заклучок за сите набљудувани земји е дека имаат мали економии, кои сѐ уште се во транзицискиот период од планирана/командна кон пазарна економија.

При споредбата на процентуалниот раст на годишниот БДП по жител и приливите на странските инвестиции има евидентни осцилации. Најмал прилив на странски инвестиции има во БиХ и во Македонија. Малку подобри се Србија и Албанија, кои бележат ма пораст. Црна Гора бележи висок скок во 2008-2009 година, во времето на големата финансиска криза, но потоа овој прилив е во пад. Од сите земји во Западен Балкан, најголем прилив на инвестиции остварила Црна Гора.
Во студијата се користени и неколку показатели за институционалниот квалитет. Во поглед на институционалниот развој, меѓу земјите не постои разлика. Покрај овој индекс, се користени и шест други показатели за мерење на институционалниот квалитет. Очекувањата се дека странските вложувања ќе доведат до прелевање на технолошките иновации и техничко знаење ноу-хау во помалку развиените економии. Теоретски гледано, кај индикаторот за контрола на корупцијата постои позитивен однос меѓу контролата на корупцијата и странските директни вложувања. Политичката стабилност е фактор што обезбедува сигурен прилив на странски директни инвестиции. Слично влијание има и владеењето на правото, кое ги охрабрува инвеститорите од светот да вложуваат во неразвиените економии.

Како позитивни фактори се регулативите за воведување пазарна прифатлива политика, како што се воведување контрола на цените, владини интервенции и слободно движење на капиталот. Значаен фактор е и воспоставување клима на еднаквост на домашните и странските инвеститори. На крајот е индикаторот за ефикасност на извршната власт, кој го одразува квалитетот на јавните и државните служби и степенот на нивната независност од политички притисоци.
– Можеме да заклучиме, кога станува збор за земјите од Западен Балкан, дека странските директни инвестиции значајно го намалуваат економскиот раст. Слични резултати се евидентирани и во други истражувања што се фокусираат на земјите во развој. За Западен Балкан овие резултати може да им се припишат на негативните политичко-економски клими во овие земји. Со своите непотребни бирократски прописи и процедури се оптоваруваат инвеститорите, а со тоа не се придонесува за општиот развој. Од друга страна, не е забележано директно или индиректно влијание на институционалниот развој на економскиот раст. Имајќи ја предвид вкупната (не)развиеност на институциите во земјите од Западен Балкан, ваквите резултати не изненадуваат. Потребно е да се постигне одредено ниво на развој на институциите, за тие да имаат значајно влијание на економскиот раст – заклучува Едиб Смоло.

Сепак, забележливо е позитивното влијание на домашните инвестиции на економскиот раст, што укажува на потребата за подобро управување на државните буџети, а особено на ставката што се однесува на капиталните вложувања. Ова значи дека е потребен развој на институциите што ќе ја подобрат и општата клима за странските вложувања, а на крајот да се очекува и видлив развој. Дотогаш, земјите од Западен Балкан треба да се свртат кон личните вложувања и да се унапредат институциите што ќе го овозможат тоа.
Развиените земји привлекле поголем дел од странските директни инвестиции, но последните години овој тренд се менува. Глобалните текови на странските вложувања во 2018 година се намалиле на 1,3 билион американски долари, што претставува пад од 13 отсто од 2017 година. Ова е најниското ниво на странски вложувања во развиените земји од глобалната финансиска криза во 2008 година. Во исто време, приливот на инвестициите во земјите во развој постојано расте, со годишен раст од два отсто. Сега се на ниво од 54 отсто од глобалниот износ на странските директни инвестиции, пишува во анализата објавена на „Ал џезира“.