Фото: Игор Бансколиев

Балканот високо на врвот на светската ранг-листа за загаденост

Македонската метропола повторно е помеѓу првите пет најзагадени градови на планетата, според мерењата на сајтот на реномираната швајцарска компанија што го следи загадувањето на воздухот на глобално ниво. Според нејзините мерења, Скопје од почетокот на неделава, има загадување од 186 поени според индексот US AQI за мерење на квалитетот на воздухот, што значи дека граѓаните дишат воздух опасен по нивното здравје. Од Скопје, на пример, во вторникот биле позагадени само градовите Дака во Бангладеш, Делхи и Калкута во Индија и Лахоре во Пакистан.
Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска се наоѓаат меѓу десетте европски држави со најголема стапка на смртни случаи поради загаденост, покажа неодамнешното истражување на Институтот за мерење и процена на здравјето, кој е независен глобален истражувачки центар при американскиот универзитет „Вашингтон“. Најмногу луѓе од загаденоста на воздухот умираат во БиХ, Македонија и во Црна Гора, а други причини за предвремена смртност се загадувањето од олово и проблеми на работни места. Слично е и во Хрватска, но во оваа земја има повеќе смртни случаи поврзани со загадувањето на работната околина.
Во Бугарија, повеќе од 8.500 луѓе годишно умираат предвреме од болести предизвикани од загадениот воздух. Ова е повеќе од оние што гинат во сообраќајни несреќи, покажуваат официјалните податоци на Светската здравствена организација (СЗО).
Според индексот за квалитет на воздухот (AQI), најзагаден воздух во Бугарија дишат жителите на Стара Загора, а потоа следува главниот град Софија. Трета е Враца, потоа Девња, Ловеч, Видин, Велико Трново, Пловдив, Шумен и Перник.
Концентрацијата на ПМ 2,5 во воздухот во Софија завчера беше 6,1 пати повисока од годишната препорачана вредност на СЗО за квалитетот на воздухот, според индексот за квалитет на воздухот, јавија бугарските медиуми.