Србија се наоѓа во напредна фаза на вакцинација, но и покрај тоа, во последниот период се зголеми бројот на новозаболени, а тоа се должи на кластерот ски-центри. Зголемен број заболени лица има и во Хрватска и во Албанија

Со 366 заразени на 100 илјади жители на почетокот на оваа недела Србија беше државата со најнеповолна епидемиолошка слика во регионот. Полоша статистика на заболени од коронавирусот имаше Словенија, која има дневен просек од 620 и во Црна Гора со 1.167 новозаразени лица на 100 илјади жители. Во Хрватска има 128, Македонија 210, Босна и Херцеговина 118 и во Бугарија 157 новорегистрирани пациенти од ковид-19. Ваквата статистика во одделните балкански земји се должи на различните режими што се применуваа од здравствените власти за спречување на ширењето на епидемијата. Србија од почетокот на годинава имаше полиберален однос во примената на препораките од здравствените власти. Тоа особено беше изразено за време на зимскиот одмор, кога многу граѓани слободните празнични денови ги поминуваа во домашните ски-центри. Овде треба да се додаде и непочитувањето на мерките во угостителските објекти во Белград, во кој се најголемиот број на новозаболените лица, а како критични точки се и неколку града во внатрешноста на земјата.
Претходните денови во Србија секојдневно се бележи раст на заболените. Околу 25 отсто од направените тестови за коронавирус се позитивни. За десетина дена бројот на заразените се удвоил и сега на дневно ниво надминува над 3.200 лица. Лекарите предупредуваат дека ковид-болниците повторно се полнат.

Директорката на болницата во Батајница, Татјана Аџиќ Вукичевиќ, предупредува дека повторно се заканува да се врати сликата од декември, кога во текот на еден ден имало и по 8.000 заразени, а во болничките институции биле сместени речиси 10 илјади луѓе.
– Треба да се затвори сѐ што може да се затвори. Сега нема смисла да се зборува за економија, а ќе нема кој да ги лекува луѓето. Во понеделникот примивме 60 пациенти, што е најголем дневен прием. Најголем број од луѓето се на возраст од 40 и 50 години – изјави Татјана Аџиќ Вукичевиќ за весникот „Данас“.
Србија се наоѓа во напредна фаза на вакцинација, но и покрај тоа, во последниот период се зголеми бројот на новозаболени. Во болницата во Батајница моментално се лекуваат петнаесетина лица што имаат симптоми на ковид-19, откако ја примиле вакцината. Нивната клиничка слика не се разликува од онаа на лицата што не примиле вакцина и станува збор за симптоми на пневмонија. Можно е тие да се заразиле во периодот на инкубација за да примат вакцина или пред нејзиното примање, велат докторите.
Вирусологот Тања Јовановиќ изјави дека е неопходно да се заострат мерките бидејќи е забележана голема недисциплина кај граѓаните. Тие го занемаруваат фактот дека по примањето на вакцината е потребно да поминат до 40 дена од примањето на втората доза, за да се стекне целосен имунитет.
Медиумите во Србија вчера пишуваа дека до викендот нема да има нови мерки но потоа, по состанокот во петокот, е сѐ поизвесно дека во Србија ќе се воведуваат рестрикции.

– Ситуацијата се влошува, потребно е да се зајакне контролата што е можно повеќе. Исто така, ќе се зајакне надзорот на болеста во училиштата. Засега, тоа не значи дека училиштата претставуваат голем ризик – рече докторот Предраг Кон, член на Кризниот штаб на Србија.
Хрватскиот кризен штаб вчера објави дека во земјата се регистрирани 688 новозаразени лица. Во оваа недела има 1.103 нови случаи, што е пораст од 30 отсто во однос на минатата недела.
– Моменталната инциденца е 115,3 на ниво на земјата. Во Европа сме на трето место под дводневната инциденца. Според смртноста, Хрватка е на 19-то место. Во последните 24 часа починаа 15 лица, а оздравеле 195 пациенти – изјави Крунослав Цапак, раководител на Кризниот штаб за справување со епидемијата.
Во Албанија минатата недела беше регистрирано највисокото ниво на морталитет како последица од ковид-19. Официјалните податоци покажуваат дека од 16 февруари до 22 февруари, животот го загубиле 114 лица. Претходно, најголем број смртни случаи беа забележани во првата недела од декември, кога имаше 112 жртви. Дневниот просек на смртни случаи во последната недела е 16 лица. Минатиот петок беше денот со најголема загуба на животи или 19, додека неделата беше ден со најмалку, односно13 жртви.