Унгарскиот министер за надворешни работи, Питер Сијарто, денеска изјави дека доколку Европската унија не преземе навремени чекори во врска со проширувањето, може да го загуби Западен Балкан, слично на Велика Британија.

На маргините на министерскиот состанок во Луксембург, Сијарто рече дека политиката на проширување е една од најважните политики на ЕУ.

Според него, Унијата ќе води политика спротивна на нејзините интереси доколку не ги забрза пристапните разговори со Србија и Црна Гора и го одложи почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

– Во тек е наддавање за интеграцијата на Балканот и влијанието во тој регион. Иако ЕУ има најголеми шанси за победа, земјите од регионот го избраа европскиот пат. Но, трансатлантскиот правец на регионот не смее да се земе здраво за готово – рече Сијарто.

Тој посочи дека на ЕУ и е потребен Западен Балкан, а не обратно и додаде дека загубата на тој регион може да биде реално сценарио за ЕУ ​​во случај на долгорочен ќор-сокак.

Сијарто исто така нагласи дека Србија и Црна Гора треба брзо да се интегрираат, а преговорите со Албанија и Северна Македонија треба да започнат наскоро.

– Ако не го стори тоа, ЕУ ја ризикува стабилноста и безбедноста во своето опкружување, наместо да се гради мир и економски напредок – додава шефот на унгарската дипломатија.