Двата најголеми турски градови, навидум, се лизнаа од рацете на претседателот Реџеп Таип Ердоган, пишува европското издание на магазинот „Политико“. Партијата на правдата и развојот (АКП) ја загуби контролата врз главниот град Анкара по локалните избори одржани вчера, додека уште не го признала наводниот пораз во Истанбул, и покрај известувањата од турската изборна комисија според кои опозицијата води во најнаселениот град во Турција. 

Гласноговорник на партијата на Ердоган истакна оти АКП ќе го оспори резултатот во Истанбул, а опозицијата ја повика власта да го почитува изборниот резултат. Изборите кои преставуваат лакмусов тест за популарноста на претседателот, означија значителен неуспех за Ердоган, кој призна дека неговата партија загубила одредена поддршка.

– Ние како АКП, загубивме одредени општини. Ќе прифатиме дека ги освоивме срцата на нашиот народ на местата каде што победивме, а не бевме доволно успешни на местата каде што изгубивме, па ќе одлучиме за нашиот план во согласност со ситуацијата – кажа Ердоган во синоќешниот говор. 

Трката за Истанбул е толку тесна што предизвика збунетост кога и власта и опозицијата синоќа прогласија победа. Претседателот на турската врховна изборна комисија (ЈСК) Сади Гувен изјави дека во трката за градоначалник на Истанбул, според прелиминарните резултати, во моментов води кандидатот на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) Екрем Имамоглу со освоени 4.159.650 гласови, додека кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) Бинали Јилдирим освоил 4.131.761 гласови, јави агенцијата Анадолија.

Гласачите во Турција вчера избраа градоначалници во поголемите градови, началници на општините, и градски и општински совети. Гласачите, исто така, избраа најниски инстанци на локалните власти во Турција, односно старешини или муфтии и совети на старешини.

Според првичните резултати, АКП води со освоени 44,42 проценти од гласовите. На второ место е најсилната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) со освоени 30,07 отсто од гласовите, додека на трето место Партијата ИЈИ со освоени 7,46 отсто од гласовите. Партијата на Националното движење (МХП) освои 7,25, а Народната демократска партија (ХДП) 4,22 отсто од гласовите.

Турција има вкупно 81 градови и провинции. АКП партија моментално води во 40, додека ЦХП е во водство во 20, а МХП во 11 провинции.