Симеон Сакскобурготски во 2001 година

Европскиот суд за човекови права пресуди дека последниот монарх на Бугарија, царот Симеон Втори (Сакскобурготски) и неговата сестра Марија-Луиза Борисова Чробок, нема да ги добијат назад двата имота одземени во 1947 година, пренесува „Политико“.

Сите имоти на бугарскиот цар биле национализирани од страна на државата за време на комунистичкиот период. Симеон Втори и неговата сестра бараат нивните поранешни имоти да им бидат вратени, откако со пресудата во 1998 година беше утврдено дека претходниот трансфер е спротивен на правото на сопственост.

Судот одлучи дека Бугарија не е обврзана да врати два имоти на поранешниот монарх Симеон Саксобурготски

Симеон Втори беше цар на Бугарија од неговата шеста до деветта година, а потоа и премиер од 2001 до 2005 година, односно од неговата 64-та до 68-ма година. Тој доби дел од неговите имоти во бугарските судови, како што е палатата „Врана“ во Софија. Но, Европскиот суд за човекови права им ги одби барањата за враќање на два имота: Летната резиденција „Ситњаково“ на Рила и ловниот дом „Сарагол“.

– Во согласност со Европската конвенција за човекови права, државата не е должна да го врати имотот што им бил пренесен пред ратификацијата – се вели во одлуката на судот.

Иако судот ги отфрли барањата, тој се осврна на забрана за комерцијална експлоатација на шумата вратена на семејството. Судот заклучи дека мерките преземени од бугарските власти за враќање на имотите се невообичаени со оглед на законодавството за заштита на шумите, и оти наметнале прекумерно оптоварување на поранешниот крал и неговата сестра. Според судската пресуда, Бугарија ќе треба да му плати на Симеон Втори 5.000 евра за трошоци.