По потпишувањето на септемврискиот договор за нормализација на економските односи меѓу Србија и Косово, во канцеларијата на американскиот претседател Доналд Трамп, во Белата куќа, тие добиваат своја конкретна реализација. Американската приказна на Балканот доби нов тек

Симболичното отворањето на канцеларија во Белград на американската меѓународната финансиска развојна агенција ДФЦ беше проследено со препознатливата медиумска промоција на потезите што ги презема актуелната влада на Србија. Најновата српско-американска мисија за приближување на Белград и Вашингтон, во српските медиуми доби ист третман како и настаните што се однесуваа на продлабочувањето на врските и соработката со традиционалните пријатели од Москва и Пекинг! По потпишувањето на септемврискиот договор за нормализација на економските односи меѓу Србија и Косово, во канцеларијата на американскиот претседател Доналд Трамп, во Белата куќа, добиваат своја конкретна реализација, американската приказна на Балканот доби нов тек. Какви ќе бидат одговорите од Москва и од Брисел за раѓањето на новото српско-американско пријателство е сосема неизвесно. Но тоа што се знае од досегашната практика е дека Европската Унија и Русија нема да останат само пасивни набљудувачи на потезите од Вашингтон да ја добијат главната улога во уредувањето на односите на Балканот.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, завчера, по средбите со мешаната американска делегација во Белград, го повтори ставот дека Србија сака да развива економски односи со партнерите на Западен Балкан, што ќе ја смени атмосферата во регионот и ќе придонесе за подобар живот на населението.
– Овде е целиот американски тим од различни сектори на американската влада, а ова не е дел само од нивните избори туку поради идејата да бидат присутни во регионот. Доаѓањето на ДФЦ е важна работа и тоа го следат сите кредитни агенции. Таму каде што се тие таму има иднина. Тоа се одлични сигнали за секоја земја во регионот – изјави Вучиќ.
Во двете верзии на документите за економска нормализација, потпишани од лидерите на Србија и на Косово, се наведува дека двете земји ќе соработуваат со ДФЦ и Извозно-увозната банка на САД (ЕКСИМ) што се однесува на изградбата на „Автопатот на мирот“ меѓу Белград и Приштина и железничкото поврзување на двете престолнини. Вредноста на овие инфраструктурни проекти се проценуваат на 3,7 милијарди евра.

Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, изјави дека многу од проектите споменати во вашингтонскиот договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово веќе се дел од европската рамка за инвестиции во Западен Балкан.
– На пример, ЕУ даде техничка помош за целиот проект „Автопат на мирот“, а веќе одобри и инвестиции за првата делница на автопатот во Србија кон Косово. Некои од споменатите проекти се нови и треба подетално да се проценат во смисла на изводливост и компатибилност, како и со плановите на ЕУ за регионот – изјави Писонеро.
Таа нагласи дека финансиската поддршка на САД е особено важна кога ЕУ работи на економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, кој ќе биде објавен наредниот месец.
– Целта на овој пакет е да се приближи регионот кон Европската Унија и да се создадат повеќе работни места. Овој план ќе се потпира на поврзување, особено на транспортот и енергетиката, за зелената транзиција, особено на декарбонизацијата, производството на енергија и дигиталната трансформација, која вклучува и широкопојасен пристап на интернет – вели Писонеро за Радио Слободна Европа.
Во Косово гледаат со висок степен на политички песимизам на постигнувањето на договорот на 4 септември во Вашингтон. Најголем негов критичар е претседателот на Самоопределување, Албин Курти, а според него договорот во Белата куќа е направен со предизборна цел, за избор на претседател на САД, како и за придобивање на гласачите од албанско и српско потекло.

– Како ќе се воспостави авионска линија на релацијата Приштина – Белград кога Србија не ги признава косовските пасоши – е реакцијата на Курти, која ја пренесе порталот „Косово онлајн“.
Претседателот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, е воздржан за прашањето за мини-шенген, за што смета дека постои опасност од економска доминација на српската страна.
– Мини-шенгенскиот договор се состои од примена на одредени документи. Некои од нив може да се применат само ако сме дел од Европската Унија, а некои може да се реализираат и сега – појасни Харадинај, кој го истакна значењето за поврзувањето на коридорите со Албанија, како што вели, „за обединување на пазарот“.