Словенија ја погоди силно невреме, кое во средата започнало на североистокот од земјата, со обилни врнежи од дожд, кои по релативно кратко време се прошириле по целата држава. Тамошните медиуми јавуваат дека се поплавени подруми, срушени се голем број стебла, а има и оштетени покриви на станбени куќи. Во исто време, главниот град Љубљана, според извештаите, е речиси целосно под вода каде што по врнежите биле поплавени повеќе од 500 згради само во центарот на градот, додека дежурните служби примиле повеќе од 2.700 повици за спасување, пренесуваат словенечките медиуми.
Според експертите, проблемот настанал бидејќи за многу кратко време наврнал силен дожд од 88 литри на квадратен метар, појава што не е регистрирана во земјата се години.
Од дождот штета претрпи и театарот во Љубљана, јави националната телевизија. Јернеј Пристов, портпарол на театарот, истакна дека за време на силата бура била прекината и претставата во театарот, кога водата почнала да паѓа од покривот директно во салата и да ги полни просториите.
– Покривот беше дотраен, водата паѓаше на сцената и зад сцената во потоци. Претставата беше прекината, а луѓето евакуирани – рече Пристов.
Тој додаде дека вакво нешто никогаш не се случило во историјата на земјата.
Инаку, невремето предизвика големи проблеми и во другите делови на Словенија. Според досегашните информации, од бурата нема повредени граѓани, но причинета е огромна материјална штета. Метеоролозите најавуваат помали врнежи во земјата за денес, но и стабилизирање на времето во текот на претстојниот викенд.