Одбивањето на директните соочувања на кандидатите е лош тренд за демократијата

Претседателските кандидати во Хрватска одбиваат да учествуваат на телевизиските дебати и одлучуваат своите пораки да ги испраќаат на партиските митинзи или преку социјалните мрежи

Повикот за телевизиско соочување што го испрати Мислав Колакушиќ, еден од кандидатите за избор на претседател на Хрватска, не беше прифатен од неговите противкандидати, кои се со најдобри шанси да го поминат првиот изборен круг. Оправдувањето на актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ е дека има премногу обврски во кампањата. Кандидатот на опозицијата, Зоран Милановиќ, одбива да учествува на јавни дебати, доколку на нив не присуствува и Грабар-Китаровиќ. Третиот најсилен кандидат Мирослав Шкоро, кој претендира на гласовите од десницата и неопределените гласачи, не прифаќа ТВ-дуел доколку не учествуваат и претходно именуваните кандидати.

Трендовите во политичката изборна кампања во Хрватска одат кон еднонасочна комуникација. Учесниците во изборниот натпревар се одлучуваат своите пораки до потенцијалните гласачи да ги испратат преку јавните собири и преку социјалните мрежи. Со тоа тие избегнуваат да одговараат на незгодните прашања, со кои појасно би се откриле нивните ставови за темите што се важни за граѓаните, пишува „Вечерњи лист“.
Крешимир Мацан, аналитичар за изборни кампањи, смета дека одбивањето на директните соочувања на кандидатите е лош тренд за демократијата.
– Тоа е легитимна тактика на кандидатите, посебно за Колинда Грабар-Китаровиќ. Против неа се сите кандидати, затоа што таа е единствена што се наоѓа на позицијата на моќ. Но со одбивањето на соочување губат сите граѓани и медиумите. Кандидатите можат да имаат корист од телевизиските дебати, но очигледно нивната тактика е поинаква – вели Мацан.

„Вечерњи лист“ потсетува на последните парламентарни избори, кога соочувањето меѓу сегашниот премиер Андреј Пленковиќ и неговиот претходник Зоран Милановиќ, предизвика големо внимание во хрватската јавност. Од друга страна, на последните претседателски избори Иван Велибор Синчиќ го подобри својот рејтинг кај граѓаните во директното соочување со поранешниот претседател на Хрватска Иво Јосиповиќ.
– Соочувањата можат да влијаат на подобрата информираност на избирачите, а добро завршената работа на нив може да го подигне рејтингот на некој кандидат до пет проценти. Сепак, тие им одат повеќе во прилог на непознатите кандидати, кои имаат можност да се претстават и да се истакнат во дебатата – објаснува Божо Скоко, кој го направи истражувањето по претседателските избори во 2010 година.

Проблемот со одбивањето на политичарите да учествуваат на јавно соочување произлегува од Законот за националната телевизија, со кој сите 11 кандидати за избор на претседател на Хрватска се третираат еднакво. Тоа се одразува на помалата гледаност и на атрактивноста на дебатата. Скоко го наведува искуството на САД каде што телевизиите се одлучуваат за соочување на двајца или тројца кандидати, кои објективно имаат шанса да победат на изворите за претседател на државата.
Анкица Мамиќ, експертка за политичка комуникологија, смета дека за кандидатите не е разумно да не се прифати поканата за соочување, особено за кандидатите што ѝ се главни конкуренти на актуелната претседателка на Хрватска.

– Со учество во ТВ-дуелот тие ќе покажат дека Грабар-Китаровиќ се плаши од нив. Истражувањата покажуваат дека оваа тројка е најблиску до победата на изборите за претседател. Соочувањето ќе им помогне поблиску да се приближат до граѓаните, кои немаат можност на друг начин да ги запознаат нивните ставови за одредени прашања – вели Мамиќ.

Од јавниот сервис ХРТ сѐ уште ги чекаат одговорите на сите 11 кандидати, кои се поканети на соочување, закажано за 17 декември. На втори јануари треба да се одржи дуелот на двајцата кандидати, кои ќе влезат во вториот изборен круг.