Веќе 24 часа, противпожарната служба на Грција се обидува комплетно да го изгаси пожарот во гаражата на бродот „Елефтериос Венизелос“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, жариштето е значително намалено, концентрирано на само еден дел од гаражата што се запали, а веќе беа отстранети неколку камиони, со што се создаде слободен простор и им ја олеснува работата на пожарникарите.

Бродот, поради големата количина вода е навален на едната страна, а се уште излегува чад. За да се врати во нормалната позиција и да не потоне, според грчките медиуми, направени се неколку дупки за да истекува насобраната вода.

Откако целосно ќе се изгаси пожарот, тогаш ќе се отстранат сите возила од гаражите и ќе постои јасна слика за бројот на оштетени автомобили и камиони.  

И понатаму се непознати причините за пожарот што се појави во гаражата на бродот, завчера, 15 минути пред полноќ, додека пловеше од Атина кон островот Крит. Во бродот, се наоѓаа вкупно 1.015 лица, 875 патници и 140 членови на екипажот, кои беа евакуирани, а превезуваше и 80 камиони и 152 возила.