Во Хрватска се очекува во наредниот период да продолжи европскиот тренд за зголемување на бројот на децата што растат и се воспитуваат од еден или од раздвоени родители. Тоа не значи дека традиционалната брачна заедница исчезнува, туку таа се менува. Вообичаената слика за еден брак и една работа за цел живот исчезнува, предупредуваат социолозите

Со стапка од 4,6 брака на илјада жители, Хрватска е на средината на листата со на склучени бракови што ја објавува Еуростат. Стапката на разводи на илјада жители во Европа е двапати поголема од пред шеесет години и пораснала од 0,8 на 1,8. Во далечната 1964 година, стапката на склучени бракови изнесувала 8. Во ЕУ, држави со најголема стапка на склучени бракови се Кипар, Литванија, Летонија, Унгарија, Романија, Словачка, Данска и Малта. Со најниска стапка на бракови се Италија, Португалија, Словенија, Франција, Шпанија и Луксембург. Социолозите предупредуваат дека денес на удар се просечните бракови, кои се навидум средени, за разлика од брачните заедници во маргиналните групи на поединци што не можат економски да опстанат еден без друг, како и браковите од високата класа, кои тешко се распаѓаат поради конформизмот и желбата да се избегне поделбата на богатството.
Во ерата на либерализмот, со нагласен индивидуализам, има сѐ помалку склучени бракови, а сѐ повеќе разводи, но расте и бројот на вонбрачни заедници во Европската Унија, како и на двојки каде што секој живее во сопствениот стан. Професорката по социологија Инга Томиќ-Колудровиќ, во разговор за „Вечерњи лист“, вели дека забрзаната промена на семејството од 1960 година се одвива под влијание на движењата за правата на жената и масовното излегување на жената на пазарот на трудот.

– Оттогаш се забележуваат намалување на бројот на склучените бракови и сѐ поголем број разводи и кохабитациски врски, зголемен број на еднородителски семејства и врски во кои партнерите живеат одвоено. Сето тоа доведе до прашање на традиционалните облици на семејните улоги и интеракцијата. Луѓето во современото општество се многу индивидуализирани во носењето на одлуките за тоа кога и дали ќе се венчаат, дали ќе живеат во кохабитација или сами, дали ќе се раздвојат или ќе останат заедно. Плурализацијата на семејните форми е сѐ позабрзана. Кршливоста на традиционалниот модел на семејство, семејства со повеќе родители што по разводот во новите бракови живеат со деца од тие бракови, деца од разведени родители што живеат на две адреси, го доведува во прашање традиционалниот модел на семејство. Тоа не значи дека традиционалната брачна заедница исчезнува, туку таа се менува. Вообичаената слика за еден брак и една работа за цел живот исчезнува – вели Томиќ-Колудровиќ.
Прифаќањето на моделот на „природност“ и „нормалност“ на сите нивоа дава можност за избор и простор за носење сопствена одлука, но и несигурност. Последица на тоа е сѐ подоцна влегување во брак, намалување на нивниот број и деца и сѐ повеќе самечки домаќинства. Младите по заминувањето од домот на родителите продолжуваат да живеат одвоено од своите партнери. Затоа, во Хрватска се очекува во наредниот период да продолжи европскиот тренд за зголемување на бројот на децата што растат и се воспитуваат од еден или од раздвоени родители.

Мирко Петриќ од Одделот за социологија на Универзитетот во Задар вели дека не постојат исти мотиви за влегување во брак во различните земји од ЕУ.
– Поради тешките економски околности во животот не е неочекувано новите бракови да се поретки во традиционалните католички земји, кои се погодени од долгорочната криза, како што се Италија, Португалија и Шпанија. Тука се и идеолошките причини, промената на вредностите на младото население. Не изненадува тоа што Хрватска е на средината на листата. Економските околности доведуваат до тоа младите да не стапуваат во брак, а тие што се одлучуваат на тоа, го прават тоа во некоја друга држава во ЕУ во која се иселиле – вели Петриќ.
Тешко е да се прогнозира која форма на заедничко живеење ќе преовладее во Хрватска. Влегувањето во брачна заедница зависи од локалниот социокултурен контекст, кој се разликува од земја во земја, но и во внатрешноста на секоја земја. Покрај традиционалните и верските причини, пресудно влијание има и прагматичниот момент, како на пример дополнителните приходи или други даночни олеснувања што постојат во некои земји.
Бракот, според Петриќ, станува и класно прашање. Односно луѓето што се со послаби примања и потешки животни услови влегуваат во брак од социокултурни и традиционални причини, а тоа им овозможува полесно преживување. Но поради кризите, таквите бракови и полесно пукаат, иако тоа не мора да заврши и со формален развод.

Андреја Брајша-Жганец од Институтот за општествени науки „Иво Пилар“, која се занимава со семејство, деца и родители, смета дека бракот не е надмината институција, без разлика на либерализацијата на општеството, кризата и неизвесноста.
– Луѓето како општествени суштества имаат потреба за живот во заедница, а бракот е најчест традиционален облик на заедница меѓу две лица. Бракот во денешно време, покрај невработеноста и економската несигурност, сепак, нуди одреден вид сигурност кога едниот член е вработен. Од друга страна, либерализацијата на општеството и денешниот систем на вредности доведуваат до почест облик на заеднички живот надвор од бракот, особено во големите градови, каде што сѐ почесто има и деца надвор од бракот – вели Брајша-Жганец за „Вечерњи лист“.
Во Хрватска во вонбрачните заедници се раѓаат само една петтина од децата, со што таа влегува во категориите на традиционални земји. Вонбрачните заедници се помалобројни во Јужна Европа. Едно од истражувањата покажало дека врската во брак е најмогу поврзана со задоволство од љубовниот живот и семејните односи во кои нема разлика меѓу мажот и жената. Лицата што се во брак односно во врска искажале повисоко ниво на задоволство и среќа, за разлика од самците.