На 11 лица се искачи бројот на починати од вирусот Западен Нил во Грција според најновите информации од Центарот за контрола и превенција на болести на Грција.

Вирусот со кој се заразени 107 лица е проширен во 42 области низ целата земја, а најголем број од регистрираните случаи се во регионот Атика, во пошироката област на Атина. Просечната возраст на заболените лица е 71 година.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, амбасадата на САД во Грција, вчера, преку соопштение- здравствено предупредување ги информира граѓаните за вирусот и за превентивните мерки што треба да ги преземат за заштита од комарците и да ги следат известувањата на локалните медиуми.

Соопштението од американската амбасада во Атина, беше објавено кога бројот на починати беше 5, односно само неколку часа пред да биде соопштено дека вкупно 11 лица во Грција починале од вирусот Западен Нил.

Според податоците објавени од Светската здравствена организација, заклучно со 16 август, Грција е трета земја во Европа со најголем број на регистрирани случаи (75), веднаш зад Србија (126) и Италија (123).